Mоже ли Макрон да ја запре војната во Украина?
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека редовно разговара со рускиот претседател Владимир Путин.
Тој во интервју за „СБС“ рече дека изолацијата е најлоша работа, посебно за лидер како Путин. Макрон кажал дека одлуката на Русија да започне војна во Украина направила голема штета прво затоа што со тоа не го почитувала меѓународното право и ги прекршила принципите, а и тоа што „веројатно направила многу грешки во проценката на своите и на украинските капацитети“.
„Сега се случува од септември да бомбардираат многу цивилни инфраструктури. Ова е воен злочин“, рече Макрон.
Францускиот претседател нагласи дека е исклучително важно што „Европјаните, Американците и максимален број на земји во светот ја поддржуваат Украина“. Вели дека е важно да се пренесат пораки дека за крајот на војната одлучуваат Украинците, а единствениот начин да се реши целата ситуација во Украина е да има преговори.
Во врска со односите со САД и Европа, Макрон посочил дека сегашната американска администрација и претседателот Бајден биле лично поврзани со Европа, но кога ќе се погледела денешната ситуација, постоела десинхронизација на односите.
Макрон откако почна војната повеќепати разговараше со Путин во намера да ја смири ситуацијата.