Ќе има кратење на патните трошоци и набавките на возила во институциите, вели Ковачевски за МИА
Заштедите кои ги планираме се однесуваа на повеќе буџетски ставки со кои треба да се обезбеди заштеда во буџетот за над 220 милиони денари. Овде влегуваат околу 80 милиони денари за патните трошоци. Ставката за поправка и одржување е намалена за 48 милиони денари, набавката на нови возила е намалена за над 33 милиони денари како и за останати расходи и репрезентации, која исто така е намалена за над 62 милиони денари, вели премиерот
Овој буџет (за 2023 година н.з.) е мој прв прв буџет како премиер и јас лично се заложив и ќе се залагам тој да покаже резултати, да ја обезбеди потребната основа за премин кон забрзан економски раст и развој на државата, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА.
Тој истакнува дека во Предлог-буџетот за 2023 година има „огромни заштеди на помалку продуктивните трошења, како одговор на кризата“. Кратење на трошоците, според премиерот најмногу има во патните трошоци, на одржување и поправки и на набавка на нови возила.
„Заштедите кои ги планираме се однесуваа на повеќе буџетски ставки со кои треба да се обезбеди заштеда во буџетот за над 220 милиони денари. Овде влегуваат околу 80 милиони денари за патните трошоци. Ставката за поправка и одржување е намалена за 48 милиони денари, набавката на нови возила е намалена за над 33 милиони денари како и за останати расходи и репрезентации, која исто така е намалена за над 62 милиони денари“,
вели Ковачевски.
Ние денес, додава премиерот , не живееме во благосостојба, туку во глобална криза и ни престои уште една тешка и кризна година.
Ковачевски потенцира дека од буџетот за 2023 година очекува резултати и оти ќе инсистира да ги има.
„Пакети не се воведени, туку има општи препораки со мерки за штедење до сите јавни институции. Целта на овие препораки е да се намалат трошоците, но и да не се наруши нормалното функционирање на институциите посебно кај оние кои нудат услуги кон граѓаните. Секако дека има институции, кои поради интензивираниот евроинтеграцискиот процес мора да продолжат динамиката на патување и навистина не смееме да го ускратиме нивното присуство на преговарачката маса и ова го сметаме како приоритет за државата, затоа што нашето членство во ЕУ е една од врвните цели. Сепак мора да бидеме рационални при трошењето на државните пари посебно од ставките чија намена во дадениов момент ја сметаме за непродуктивна“,
вели премиерот.
Овој буџет, потенцира тој е основата за визија на Владата за стабилна, економски просперитетна и напредна Северна Макеоднија, идна земја членка на Европската Унија.
„Изминативе 10 месеци вложивме огромни напори и успеавме да ја заштитиме македонската економија и животниот стандард, но сега е време да мислиме за тоа како да одиме напред и како да направиме подобро. Јас лично ќе работам на тоа да обезбедиме сигурност, подобра иднина и просперитет на сите граѓани во оваа држава, да се стремиме кон европските услови и начин на живот затоа што граѓаните заслужуваат да го имаат она што го имаат и Европејците и ништо помалку од тоа. Тоа е мојата задача, таа е мојата, тоа е нашата заедничка цел“,
порачува премиерот Ковачевски во интервјуто.
Тој во интервјуто потсетува на владините антикризни мерки донесени досега и додава дека грижата на Владата и политиките за помош на граѓаните и стопанството во оваа најголема криза продолжуваат и следната година, и тоа е преточено во новиот Предлог-буџет за 2023.
The post Ќе има кратење на патните трошоци и набавките на возила во институциите, вели Ковачевски за МИА appeared first on 360 степени.