Јовановски: Блокадите остануваат додека не се најде решение, градоначалничката се однесува како Скопје да е нејзина бавча
Директорот на „Слобода превоз“ истакна дека со ваквото неодговорно однесување на градоначалничката приватните превозници ја губат својата работа и истовремено систематски се нарушува јавниот интерес
Јовановски рече дека очекуваат поддршка од граѓаните, односно дека имало најави некои граѓани и граѓански здруженија дека ќе им се приклучат во протестите за да се дојде побрзо до решение. Прашан дали очекуваат некаква помош од Владата, тој истакна дека, иако нема надлежност, централната власт би можела да се вклучи како медијатор
Блокадите ќе останат на постојните места сè додека не се седна на маса и не се најде решение согласно законот и одлуката на Град Скопје, изјави денеска директорот на Здружението на приватни превозници „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, кој прстот за вината околу настанатата ситуација повторно го впери во градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
„Она што го имаме како информација од координативното тело на приватните превозници е дека блокадите ќе останат додека не се седне на маса и не се најде решение согласно законот“,
изјави Јовановски.
Тој изрази жалење што приватните превозници, по неколкуте обиди да седнат и да се договорат, односно да бидат примени од градоначалничката на Скопје, морале на ваков начин со блокада на крстосници да го изразат својот револт и да го свртат вниманието на јавноста кон нивните позиции.
Јовановски истакна дека со ваквото неодговорно однесување на градоначалничката приватните превозници ја губат својата работа и истовремено систематски се нарушува јавниот интерес.
„Приватните превозници со неодговорниот однос на градоначалничката кон нив ја губат својата работа, не е исплатен долгот кон нив и со тоа неодговорно однесување систематски се нарушува и јавниот интерес. Не се работи само за долгот, не се работи само за некое приватно побарување кое може да се решава со тужби, тоа е предизвикано од едно неодговорно и можам да кажам уличарско однесување… Ние не смееме да дозволиме едно такво однесување, бидејќи не станува збор за приватна бавча на градоначалничката која ќе може да си ја работи онака како што сака. Таа е должна да се грижи за јавниот интерес за граѓаните и да постапува по закон и по одлуките донесени од Град Скопје“,
рече директорот на „Слобода превоз“.
Тој рече дека ја разбираат нервозата кај граѓаните поради блокадите, кои предизвикуваат застој во сообраќајот, но посочи дека тие вината и критиката не треба да ја насочуваат кон приватните превозници, туку кон изворот на проблемот.
„Не можат граѓаните да ги критикуваат приватните превозници туку треба да го критикуваат изворот на проблемот, а тоа е градоначалничката на Град Скопје. Треба да се посочат виновниците таму кај што се, а не кон она што е последица на едно неодговорно однесување“,
истакна Јовановски.
Очекувањата, како што посочи тој, се дека сите институции ќе се вклучат во решавање на проблемот и дека тие на директен начин ќе влијаат на разрешувањето на настанатата ситуација.
„Ниту една одредба од договорот со Град Скопје не е прекршена од страна на превозниците. Решението не во раскинување на договорите. Во нашиот случај во утринските часови беше донесено едно известување за раскинување на договорот, кое беше повлечено од не знам кои причини, за после повторно да го добиеме истото известување“,
изјави директорот на „Слобода превоз“.
Тој рече дека очекуваат поддршка од граѓаните.
„Имаме најава дека од некои граѓани и граѓански здруженија дека ќе ни се приклучат во протестите за да дојдеме побрзо до решение“,
рече Јовановски.
Одговарајќи на новинарско прашање околу информациите дека друг превозник ќе ја преземе нивната работа, директорот на здружението на приватни превозници „Слобода превоз“ рече дека станува збор за шпекулации и дека тие сакаат да се изолираат од „сите политички игри и од сите кои мислат или сакаат да профитираат од ситуацијата“.
„Шпекулациите дека некој друг превозник ќе дојде и ќе направи нешто, јас познавајќи ги овие луѓе, познавајќи ја правната регулатива ви гарантирам дека нема да дозволиме тоа да се случи. Ќе потсетам дека преку 250 возачи сè уште се вработени кај приватните превозници. Не знам кој друг превозник ќе падне од небо и ќе најде во Скопје 250 возачи и ќе може да ги пријави во една постапка која градоначалничката планира да ја огласи. Тоа што го најави градоначалничката дека секој самостојно од постојните приватни превозници ќе може да се пријави на таков оглас во моментов е невозможно затоа што ќе биде спротивно на законот и на одлуката на Град Скопје“,
потенцира Јовановски.
Прашан дали очекуваат некаква помош од Владата, тој истакна дека, иако нема надлежност, централната власт би можела да се вклучи како медијатор.
„Владата ја нема надлежноста во јавниот превоз, но ги има институциите, го има авторитетот, Овие граѓани се и граѓани на државата и Владата може да се вклучи со некаква медијација да ги слушне вистинските аргументи и да ја извести јавноста кој ја зборува вистината и кој стои зад овој проблем“,
рече Јовановски.
Сообраќајот во главниот град утрово се одвива под посебен режим откако приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ повторно поставија блокади на неколку клучни точки односно на крстосниците пред ТЦ „Мавровка“, „Црвен крст“, како и на булеварот „Илинден“ околу просториите на Град Скопје, со најава дека овој пат нема да ги тргнат автобусите се до исполнување на нивните барања.
Приватните превозници од здруженијата „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ почнаа овој начин на протест, односно со блокирање на раскрсници, пред една недела. Тогаш нивните автобуси ги паркираа и ја блокираа само крстосницата кај ТЦ „Мавровка“. Поради посетата на германскиот претседател, Франк-Валтер Штајнмаер на земјава тие ги повлекоа автобусите и најавија радикализација и повеќе блокирани крстосници за неделава, доколку проблемот не се реши, што од денеска почнаа и да го актуализираат.
Сумата што само приватните превозници од „Слобода превоз“ велат дека ЈСП „Скопје“ им ја должи изнесува околу два милиони евра.
The post Јовановски: Блокадите остануваат додека не се најде решение, градоначалничката се однесува како Скопје да е нејзина бавча appeared first on 360 степени.