Чавушоглу даде рок кога би имало примирје во Украина
Пред пролетта во Украина ќе има примирје или преговори, а Турција нема да се откаже и ќе вложи напори тоа да се случи, вели турскиот шеф на дипломатијата, Мевљут Чавушоглу.
Тој кажа дека до пролет очекува јасна слика за војната во Украина. Кажа дека војната стана посложена затоа што борбите на теренот стануваат сè потешки.
„Сега Украина напредува на теренот, враќајќи некои од нејзините окупирани територии. Но, Русија за возврат намерно гаѓа цивилна инфраструктура. Така, животот станува тежок особено за Украинците, и за сите нас“, рече Чавушоглу на форумот во Рим.
Од Кремљ велат дека рускиот претседател Владимир Путин е отворен за преговори за Украина, но Западот мора да ги прифати барањата на Москва. Американскиот претседател Џо Бајден не ја исклучува можноста да се сретне со Путин.