Хаосот што му се случува на Скопје е поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ, лета времето до новите локални избори, порачува Ковачевски
Граѓаните мора да знаат дека ВМРО-ДПМНЕ ја има градската власт во Скопје. Кадри на ВМРО-ДПМНЕ се најмногу застапени во сите управни и надзорни одбори во јавните претпријатија, вклучително и во ЈСП „Скопје“. Тие ја имаат целосната одговорност за тоа што денес се случува во Скопје, вели премиерот
До следните локални избори има уште две години и 10 месеци. Лета времето, порача Ковачевски
Хаосот што во овој период му се случува на Скопје е поради неспособноста и бизнис-интересите на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер Христијан Мицкоски. Граѓаните мора да знаат дека ВМРО-ДПМНЕ ја има градската власт во Скопје. Кадри на ВМРО-ДПМНЕ се најмногу застапени во сите управни и надзорни одбори во јавните претпријатија, вклучително и во ЈСП „Скопје“. Тие ја имаат целосната одговорност за тоа што денес се случува во Скопје, рече премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање дали Владата ќе помогне во решавањето на хаосот со протестите на приватните превозници.
Знаат скопјани дека ова го прави ВМРО-ДПМНЕ, рече Ковачевски.
„Па погледнете кој држи денеска прес-конференции кај нас, истите луѓе што беа во кампања на Данела Арсовска. Цело Скопје го блокирале. Зошто? Затоа што не ги бидува. И една работа ќе им порачам: Јас овде излегувам заедно со министрите со конкретни проекти и нека не замајуваат со отворени денови во општините, па сега ќе собирале идеи. Тие дојдоа со програма на локалните избори. Реализацијата е нула. И уште нешто ќе им порачам: до следните локални избори има уште две години и 10 месеци. Лета времето“,
додаде Ковачевски.
Премиерот потсети на последните локални избори и на исходот од нив.
„Се сеќавате на последните локални избори. Јас бев во штабот на СДСМ каде што тогашниот претседател на СДСМ одржа прес-конференција на која му ја честиташе победата на ВМРО-ДПМНЕ и на градоначалничката Арсовска и како резултат на поразот тој поднесе оставка и од претседател на партија и од претседател на Владата. Исто така, во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, градоначалничката Данела Арсовска беше пречекана со трубачи со песната ‘Бела чао’, а таа беше облечена во бел капут. Цело ВМРО-ДПМНЕ со зурли и тапани стоеше пред зградата и ја пречекаа. На бината во прес-центарот на ВМРО-ДПМНЕ лидерот на партијата во ново блузонче со патент, заедно со цело раководство ја пречека и кажаа дека го освоиле Скопје“,
додаде Ковачевски.
Тој нагласи дека ова што се случува во Скопје е организација на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски.
„Самонаречениот градоначалник на Скопје, Мицкоски, мнозинството во Советот од ВМРО-ДПМНЕ, членовите од управите и надзорните одбори се единствените виновници што Скопје денеска е заглавен град, исто како што беа виновници што 11 години Северна Македонија, сега, тогаш Република Македонија, беше заглавена и заробена држава“,
додаде премиерот.
Она што му го направија на Скопје со проектот „Скопје 2014 “, вели Ковачевски, сега доаѓа и се враќа обврзницата. Додаде дека затоа министерот Фатмир Бесими рекол дека идната година мора да обезбедиме една и пол милијарда евра за враќање.
„Над половина милијарда евра е стиропорот што паѓа овде околу зградава, тоа е таа еврообврзница. И после таа катастрофа што му ја направија на Скопје, истите тие, со истите кадри, сега го заглавија цело Скопје“,
рече Ковачевски.
The post Хаосот што му се случува на Скопје е поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ, лета времето до новите локални избори, порачува Ковачевски appeared first on 360 степени.