(ФОТО) Пилотите во стабилна состојба, паднатиот хрватски МиГ-21 преполовен
Пилотите се во стабилна состојба, надвор од животна опасност и се пренесени во болница на лекарски преглед
Криминалната воена полиција и главен воздухопловно воен истражител ќе спроведат истрага за падот на воениот авион МиГ-21 со две седишта, кој денеска се урна кај Слатина, беше речено на прес-конференцијата на Министерството за одбрана, пренесува хрватски Индекс.
Двајцата пилоти се пронајдени живи. Тие успешно се катапултирале и слетале. Станува збор за полковникот Звонимир Милатовиќ и мајорот Иван Лукан.
Пилотите се во стабилна состојба, надвор од животна опасност и се пренесени во болница на лекарски преглед.
Авионот се урнал нешто пред 14 часот. Едниот пилот сам излегол од шумата по падот на авионот и стигнал до селото, а другиот бил лоциран со воен хеликоптер и припадниците на ХГСС го извлекле од шумата со помош на мештаните.
Министерот за одбрана Марио Баножиќ вечерва во касарната „Полковник Марко Живковиќ“ изјави дека денешниот инцидент ја покажува подготвеноста на хрватската армија успешно да ги извршува задачите и покрај предизвикувачките моменти и состојбата со опремата, а ја отфрли можноста да поднесе оставка, повикувајќи се на ваквите барања на опозицијата.
„Истрагата е во тек и ќе продолжи утре во текот на денот, а верувам дека ќе ги утврдиме точните причини за тоа што се случи во техничка смисла“,
рече Баножиќ.
Началникот на Генералштабот на вооружените сили, адмирал Роберт Храњ истакна дека и денешниот инцидент покажува колку е оправдана и навремена одлуката за набавка на нови француски борбени авиони.
The post (ФОТО) Пилотите во стабилна состојба, паднатиот хрватски МиГ-21 преполовен appeared first on 360 степени.