Уапсена потпретседателката на Европскиот парламент поради вмешаност во корупција
Во петокот белгиската полиција изврши претрес на 16 локации во Брисел и приведе најмалку четири лица, меѓу кои и сопругот на Ева Каили и поранешен европретставник. Во акцијата се одземени речиси 600 000 евра во готовина, неколку мобилни телефони и компјутерска опрема
Потпретседателката на Европскиот парламент (ЕП), Ева Каили е уапсена во Брисел во рамките на операцијата на белгиските власти за „криминална организација, корупција и перење пари“, јавува регионалниот сервис на РСЕ.
Поради сомнежите за вмешаност во корупција Каили, која доаѓа од Грција, беше исклучена од нејзината локална партија во Грција, ПАСОК, беше суспендирана од политичката групација на социјалдемократите во ЕП, а денеска беше разрешена и од функцијата заменик претседател на Европскиот парламент.
Имено, во петокот белгиската полиција изврши претрес на 16 локации во Брисел и приведе најмалку четири лица, меѓу кои и сопругот на Ева Каили и поранешен европретставник.
Во акцијата се одземени речиси 600 000 евра во готовина, неколку мобилни телефони и компјутерска опрема.
Во соопштението на белгискиот обвинител се наведува дека иследниците на Федералната судска полиција веќе неколку месеци се сомневаат дека некоја земја од Персискиот залив влијаела на економските и политичките одлуки на Европскиот парламент.
Белгиските медиуми посочија дека станува збор за Катар, домаќин на овогодинешното Светско првенство во фудбал. Катар беше цел на критики за правата на работниците, особено за оние кои работат на изградба на стадионот за првенството, како и за позицијата на ЛГБТ заедницата во земјата.
Ева Каили беше одговорна за земјите од Персискиот залив во рамките на нејзината функција потпретседател на ЕП.
За време на нејзината неодамнешна посета на Катар, таа ја нарече земјата „лидер во правата на работниците“.
Според изјавата на белгискиот обвинител, Катар таргетирал функционери „со значајна политичка и/или стратешка позиција“ во Европскиот парламент, испраќајќи им „значителни суми пари“ и „важни подароци“.
Потврдувајќи дека ЕП стои цврсто против корупцијата, претседателката на оваа институција Роберта Мецола ја потврди својата подготвеност да соработува со сите релевантни органи за спроведување на законот и правосудството.
Our @Europarl_EN stands firmly against corruption.
At this stage, we cannot comment on any ongoing investigations except to confirm that we have & will cooperate fully with all relevant law enforcement & judicial authorities.
We’ll do all we can to assist the course of justice.
— Roberta Metsola (@EP_President) December 10, 2022
Европските социјалдемократи, втората по големина групација во ЕП на која припаѓаат најмалку двајца од четворицата уапсени, ветија дека ќе соработуваат со властите и побараа суспензија на сите процедури во Европскиот парламент во однос на земјите од Заливот, како што се визната либерализација и планираните посети.
The post Уапсена потпретседателката на Европскиот парламент поради вмешаност во корупција appeared first on 360 степени.