Три момчиња починаа по пад во заледено езеро во Британија
Четирите деца на возраст од шест до 11 години биле без свест кога спасувачките екипи ги извлекле од водата. Полицијата соопшти дека три од нив починале, додека четвртото, шестгодишното дете е во критична состојба
Три момчиња на возраст од осум, 10 и 11 години починале откако во неделата (11 декември) пропаднале во заледено езеро во паркот Бабс Мил во Солихал, Велика Британија.
Четвртото момче, на возраст од шест години, кое исто така пропаднало во водата, останува во критична состојба во болница откако било извлечено од заледеното езеро.
Според противпожарната служба, извештаите од местото на настанот и видеата на социјалните мрежи покажуваат дека децата си играле на мразот на површината на езерото кога тој се скршил и тие пропаднале во водата.
Четирите деца биле без свест кога спасувачките екипи ги извлекле од водата.
Откако биле извлечени, тие потоа биле пренесени во болница, но полицијата соопшти дека три од нив починале, додека четвртото, шестгодишното дете е во критична состојба.
Полицијата соопшти дека потрагата во езерото ќе продолжи сè додека не се утврди како точно дошло до инцидентот и дали можеби некој друг паднал во водата, иако засега нема таква потврда.
Велика Британија во моментов се соочува со студен бран кој забележа обилни снежни врнежи во делови од земјата.
The post Три момчиња починаа по пад во заледено езеро во Британија appeared first on 360 степени.