Тренчевска: Нема да го покачуваме прагот за детски додаток, ќе ја зголемуваме минималната плата
Како што потенцираше министерката за труд и социјална политика, минималната плата ќе расте и во 2023 година, а целта на Владата е да не ги држи повеќето семејства во системот на социјална заштита, туку само оние од најранливите категории
Владата нема да го покачи цензусот, односно прагот за добивање на детски и образовен додаток, туку ќе ја зголемува минималната плата, рече министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска на денешната прес-конференција на која го презентираше предлог-буџетот за 2023 на Министерството.
За ваквата стратегијата на Владата, Тренчевска информираше одговарајќи на новинарско прашања дали ќе има зголемување на прагот за овој вид социјален додаток, бидејќи со зголемувањето на минималната плата во март оваа година на 18 000 денари дел семејства го изгубија правото за користење на детски и на образовен додаток.
Како што потенцираше министерката за труд и социјална политика, минималната плата ќе расте и во 2023 година, а целта на Владата е да не ги држи повеќето семејства во системот на социјална заштита, туку само оние од најранливите категории.
„Целта на социјалната реформа во 2019 година беше што поголем број на семејства да бидат опфатени во програмата за заштита на семејства во социјален ризик и затоа беше воведен детскиот и образовниот додаток не само за вработени со ниски примања, туку за сите граѓани. Меѓутоа целта во делот на минималната плата, односно покачувањето на минималната плата е за семејствата да имаат поголем приход во рамки на својот буџет и затоа ја зголемивме минималната плата во март 2022 година со едно системско решение кое што значи постојан раст на платите односно постојан раст на минималната плата. Минималната плата ќе расте и во 2023 година согласно новата методологија што ќе значи повеќе приход во семејствата чии членови примаат минимална плата. Затоа целта на Владата е да не ги држиме граѓаните во системот на социјална заштита туку во овој систем да можат да влезат оние кои што се најранливи и оние што се материјално необезбедени и од тој аспект нема да ја покачуваме границата, односно цензусот на детскиот додаток и на образовниот додаток туку ќе ја покачуваме постојано минималната плата“,
рече Тренчевска.
Министерката додаде дека не е голем бројот на граѓани што го изгубија правото на детски додаток.
Не повеќе од 500 деца го изгубија ова право што значи дека кај семејствата на овие 500 деца имаме повеќе приход во семејниот буџет преку зголемувањето на платите“, изјави министерката за труд и социјална политика.
Инаку, прагот за пристап до детскиот додаток е во зависност од бројот на членови во домаќинството и се пресметува со еквивалентна скала. Така, на пример, за тричлено домаќинство вкупните просечни месечни приходи остварени во последните три месеци пред поднесување на барањето и во текот на користењето на правото по сите основи на сите членови во домаќинството не смеат да го надминат износот од 12 920 денари, за четиричлено домаќинство 15 640 денари, за петчлено домаќинство 17 000 денари, за шестчлено домаќинство 17 680 денари, за седумчлено 18 360 денари, а за осумчлено 19 040 денари. Кај тричлено домаќинство со еден самохран родител прагот за пристап изнесува 21 080 денари, кај петчлено домаќинство со еден самохран родител прагот за пристап изнесува 25 160 денари.
Ќе се разговара со банките за проблемот на неподвижните и лицата со деменција
На прес-конференцијата Тренчевска беше прашана и за проблемот со кој се соочуваат неподвижните и лицата со деменција, односно лица кои примаат средства за помош од друго лице (туѓа нега), од кои банките бараат лично да се појават на шалтерите. Поради ова, нивните семејства или оние кои се грижат за нив се принудени да одат од шалтер до шалтер за да го остварат ова право на социјална заштита.
Тренчевска со сигурност не можеше да каже каква е актуелната ситуација со овој проблем и најави дека Министерството ќе разговара со банките со кои соработува за негово решавање.
„Со изјава на нотар може да се среди и со потврда од лекар дека лицето е неподвижно или со деменција, но ќе провериме. Нека ги пријават овие случаи во Министерството. Ќе разговараме со банките. Соработуваме со повеќе банки и ќе го решиме (проблемот) со Асоцијацијата на банки и граѓаните ќе можат да си ги остварат своите права“,
рече Тренчевска.
Во врска со разговорите со синдикатите за донесување на Општ колективен договор и за новата методологија за постојан раст на платите во јавниот сектор, министерката за труд и социјална политика рече дека преговорите не се прекинати, но дека конечниот резултат зависи од сите страни вклучени во нив, а не само од МТСП.
„Ќе постигнеме договор кога ќе ги усогласиме ставовите на Владата и на другите страни во преговорите“,
рече Тренчевска.
Предлог-буџетот на МТСП за 2023 не е само антикризен, туку и развоен
Инаку, вкупниот Предлог-буџет на Министерството за труд и социјална политика за 2023 година изнесува 858,3 милиони евра. Станува збор за Министерство кое има најголем буџет од сите останати министерства затоа што, како што посочи министерката покрива широк спектар на права од социјална и детска заштита, пензиско и инвалидско осигурување, мерки за невработени и вработување, односно ги адресира потребите на најранливите категории граѓани.
„Предлог-буџетот за 2023 година на Министерството за труд и социјална политика покрај тоа што претставува одговор за ублажување на последиците на кризата со која не само ние како држава сме соочени туку се соочува целиот свет, има и развојна компонента, подигање на животниот стандард на граѓаните и капитални инвестиции за унапредување на квалитетот на живот на сите граѓани во државата“,
подвлече министерката за труд и социјална политика Тренчевска.
The post Тренчевска: Нема да го покачуваме прагот за детски додаток, ќе ја зголемуваме минималната плата appeared first on 360 степени.