Спасовски: И денешните дојави за бомби се дел од хибридната војна што не се води само кај нас
Напоменувајќи дека веќе во многу земји се променети протоколите во кои степенот на реалноста на заканата се утврдува пред да се преземаат мерки, министерот Спасовски информира дека веќе е разговарано со Националниот комитет за борба против тероризмот и насилен екстремизам и очекува да се преземат активности со кои ќе се сменат протоколите
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски потврди дека утрово имало дојави за поставени експлозивни направи во девет училишта и во НБРСМ, според истиот начин кој е дел од т.н. хибридна војна што не се води само кај нас.
„Ова е класичен пример на хибридни закани. Среќа што тоа се напади што доаѓаат по електронски пат и што безбедноста апсолутно не се нарушува, посебно да земеме предвид дека НБ е обезбедена 24 часа“,
изјави Спасовски по денешната посета и средби во СВР-Струмица.
Тој рече се преземаат максимално мерки со цел да се обезбеди доказ за каков било аспект.
„Загриженоста е голема, меѓутоа и целта на ваквите хибридни напади е токму тоа. Да се воспостави немир кај граѓаните, да има несигурност, да се влијае на институциите, да се трошат безбедносните служби во државата. Ефикасно се работи од страна на полицијата и сите служби што се вклучени во тој дел. Имаме брзи проверки што ги имаме или напатствија, веќе не само во училиштата и во другите институции, како се постапува во таков случај“,
појасни Спасовски.
Напоменувајќи дека веќе во многу земји се променети протоколите во кои степенот на реалноста на заканата се утврдува пред да се преземаат мерки, министерот Спасовски информира дека веќе е разговарано со Националниот комитет за борба против тероризмот и насилен екстремизам и очекува да се преземат активности со кои ќе се сменат протоколите.
„Но, сега протоколите се такви и ќе мора да се почитуваат. Треба да бидеме сите апсолутно претпазливи, посебно менаџерите на институциите во делот на обезбедувањето, но проверките мора да се реализираат“,
порача Спасовски.
Во СВР-Скопје утрово околу 9:45 часот било пријавено дека на електронска адреса на девет средни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна нaправа.
И од НБРСМ, исто така, денеска во 10:10 часот било пријавено дека на електронска адреса била упатена закана за поставена експлозивна направа.
Малолетник од скопската населба Карпош завчера заработи кривична пријава за тероризам поради закани за поставени бомби во четири средни училишта.
Како што соопштија од МВР, пријавениот малолетник, инспириран од претходни објави за поставени бомби во неколку средни училиштата на територијата на Град Скопје, во период од 26.10.2022 до 2.11.2022 година, на социјалните мрежи забележал дека пораките биле испратени преку конкретен провајдер кој нуди криптирање и заштита на комуникацијата.
„Малолетникот на 4.11.2022, од својот персонален компјутер, пристапувајќи на интернет мрежата на еден телекомуникациски оператор, креирал електронска адресата на конкретниот провајдер, преку која напишал заканувачка порака за поставени експлозиви во четири средни училишта. Истиот ден, користејќи посебна апликација, преку својот мобилен телефон се поврзал на својот персонален компјутер и во 14:09 часот, од претходно креираната електронска адреса на службените електронски адреси на четирите средни училишта во Скопје, ја испратил горенаведената порака со заканувачка содржина“,
информираа од МВР.
The post Спасовски: И денешните дојави за бомби се дел од хибридната војна што не се води само кај нас appeared first on 360 степени.