Спасовски за ставовите на Агелер: МВР стои на располагање во борбата против криминалот и корупцијата
Спасовски кажа дека МВР стои на располагање за сите активности во насока на борба против корупцијата и криминалот зашто, како што додаде, тоа е приоритет и на Владата и тој приоритет мора до крај да биде реализиран. Порача дека треба да се навлезе во секоја пора од македонското општество и секој што се занимава со криминал од каков било тип да сноси сериозна одговорност
Коментирајќи го доаѓањето на американскиот тим за истражување на корупцијата кај поранешни, но и актуелни функционери во земјава, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека МВР апсолутно стои на располагање во секој поглед за да ги поддржи сите овие активности.
Спасовски по денешната посета на Секторот за внатрешни работи (СВР) Струмица изјави дека го поддржува сето она што беше изнесено од страна на американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер и кажа дека сите мора да дејствуваат што поскоро за да се стави крај на корупцијата и криминалот во земјава.
„Секој од нас треба да има загриженост за тоа што практично ни се случува во државата. Мора час поскоро секој од нас да направи максимум со своето дејствување да се стави крајот на криминалот и на корупцијата во државата од секој можен аспект. Да се створи систем што ефикасно и брзо ќе одговори“,
изјави министерот за внатрешни работи.
Спасовски додаде дека Министерството за внатрешни работи стои на располагање за сите активности во насока на борба против корупцијата и криминалот зашто, како што кажа, тоа е приоритет и на Владата и тој приоритет мора до крај да биде реализиран. Порача дека треба да се навлезе во секоја пора од македонското општество и секој што се занимава со криминал од каков било тип да сноси сериозна одговорност.
Амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер, вчера објави дека во земјава пристигнал тим за санкции од Вашингтон кој е тука за поагресивен преглед на минатите и сегашните корумпирани функционери.
„На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот“,
напиша вчера Агелер на својот твитер-профил.
The post Спасовски за ставовите на Агелер: МВР стои на располагање во борбата против криминалот и корупцијата appeared first on 360 степени.