Словенија планира да изгради гасовод до Унгарија за алжирски гас
Словенскиот премиер Роберт Голоб планира да изгради гасовод до Унгарија за алжирски гас со цел да и помогне на соседната земја да ја намали зависноста од рускиот гас, пишува Фајненшл тајм, а пренесува агенцијата СТА.
Новиот гасовод треба да профункционира за две до три години, а подоцна може да се прошири во зависност од побарувачката, пишува весникот, повикувајќи се на изјавите на словенечкиот и унгарскиот премиер Голоб и Виктор Орбан, кои се сретнаа по повод почетокот на редовната работа на далноводот Цирковце-Пинце.
„Орбан е заинтересиран за диверзификација на изворите на гас“
ФТ забележува дека Голоб е поранешен извршен директор во енергетската индустрија, чија партија го победи долгогодишниот сојузник на Орбан, поранешниот премиер Јанез Јанша, на изборите во април.
Орбан рече дека е заинтересиран за диверзификација на изворите на гас, наведувајќи три опции, пишува весникот. Првата би била словенечки гасовод за гас од Алжир, потоа гасовод за транспорт на гас од наоѓалишта откриени во романските води на Црното Море и продолжување на постојниот гасовод до Хрватска, кој би увезувал течен природен гас. Орбан по средбата со Голоб изјавил дека е заинтересиран за сите три опции, додаваат од ФТ.
Весникот ја наведува и најавата на Голоб дека соработката ќе се заснова на принципот на солидарност во ЕУ. Според Голоб, гасоводот од Алжир би можел да се користи и за водород од Северна Африка, што добро би можело да дојде во подоцнежните фази на зелената транзиција, пренесува словенечката агенција.
Орбан ја посети Словенија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан во петокот ја посетил Словенија каде заедно со премиерот Роберт Голоб и хрватскиот министер за економија Давор Филиповиќ учествувал на свеченото одбележување на почетокот на редовната работа на далноводот Цирковце-Пинце.
Орбан стигнал откако по нешто повеќе од две години заедно со поранешниот премиер Јанез Јанша и хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман го означија почетокот на работата на изградбата на овој далновод, кој претставува прво систематско поврзување на електроенергетските мрежи на Словенија и Унгарија, но е поврзан и со хрватската мрежа.
Деталите за темата на разговорите во кабинетот на Орбан и Голоб не се откриваат, за таа средба јави словенечката агенција СТА, но на маса наводно бил проектот за прекуграничниот гасовод меѓу Словенија и Унгарија, од Кидричево до Пинац.
ФОТO: Freepik