„Сејфгард дифендерс“: Кина има над 100 полициски станици ширум светот
Меѓу новите тврдења изнесени од организацијата „Сејфгард дифендерс“, кои ги објави Си-ен-ен се наведува дека еден кинески државјанин бил принуден да се врати дома од оперативци кои работеле тајно во кинеска полициска станица во странство во предградие на Париз. Претходно, како што додава медиумот, беше соопштено дека уште двајца Кинези се насилно вратени од Европа во својата матична држава – едниот од Србија, другиот од Шпанија
Пекинг формирал повеќе од 100 таканаречени прекуокеански полициски станици ширум светот за следење, малтретирање и во некои случаи враќање на кинеските граѓани кои живеат во егзил, објави Си-ен-ен повикувајќи се на последниот извештај на организацијата за човекови права „Сејфгард дифендерс“ со седиште во Шпанија.
Според извештајот на организацијата, Кина ги основала полициските станици во странство користејќи билатерални безбедносни аранжмани постигнати со земјите во Европа и Африка со цел да го прошири своето присуство на меѓународно ниво.
„Сејфгард дифендерс“ соопшти дека пронашла докази дека во странство постојат уште 48 полициски станици, со кои управува Кина, откако организацијата во септември соопшти дека открила 54 такви станици ширум светот.
Во новата објава на организацијата се испитува улогата што заедничките полициски иницијативи на Кина и неколку европски држави, меѓу кои Италија, Хрватска, Србија и Романија, ја имале во експанзијата на кинеските полициски станици во странство.
Меѓу новите тврдења изнесени од „Сејфгард дифендерс“, кои ги објави Си-ен-ен се наведува дека еден кинески државјанин бил принуден да се врати дома од оперативци кои работеле тајно во кинеска полициска станица во странство во предградие на Париз. Претходно, како што додава медиумот, беше соопштено дека уште двајца Кинези се насилно вратени од Европа во својата матична држава – едниот од Србија, другиот од Шпанија.
Кинеските власти негираат дека имаат непријавени полициски станици надвор од кинеска територија. Тие велат дека се работи за административни центри кои треба да им помогнат на кинеските иселеници за прашања како обновување на возачките дозволи бидејќи според нив, во пандемијата многу кинески државјани не можеле да ги обноват документите.
The post „Сејфгард дифендерс“: Кина има над 100 полициски станици ширум светот appeared first on 360 степени.