Секој може да си ги инвестира парите во што сака, така и мојата сопруга, вели Ковачевски
Оваа инвестиција, како што посочи премиерот, неговата сопруга ја направила со влог од сопствени пари, исто како што може да направи секој друг граѓанин. Прашан дали инвестицијата ја направила со негова помош, Ковачевски одговори одречно
Уште пред да дојдам на премиерската функција, во мојот анкетен лист до Антикорупциската комисија беше пријавено дека мојата сопруга има инвестирано во изградба на фотоволтаична централа, изјави премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција откако „А1он“ објави дека неговата сопруга, Елена Ковачевска, влегува во бизнисот со производство на струја.
Оваа инвестиција, како што посочи премиерот Ковачевски, неговата сопруга ја направила со влог од сопствени пари, исто како што може да направи секој друг граѓанин.
„Прво, тоа што беше објавено на еден портал, потоа беше преземено и од други портали, беше јавно достапен податок и може да се види од мојот анкетен лист каде што е пријавен уделот на мојата сопруга. Тоа не е сега, тоа е уште пред да стапам на функција како претседател на Владата. Согласно Законот за трговски друштва и согласно законските регулативи во државата секој граѓанин може да инвестира свои сопствени средства, како што таа има инвестирано свои сопствени средства и сето тоа е пријавено во сите надлежни институции, во Антикорупциска, со сите податоци и тие се јавно достапни“,
рече Ковачевски.
Прашан дали инвестицијата ја направила со негова помош, премиерот одговори одречно.
„A1он“ вчера објави дека сопругата на премирот, Елена Ковачевска, влегува во бизнисот со производство на електрична енергија преку компанијата „Сол груп 5 ДОО Скопје“, во која се јавува како една од петтемина сопственици. Компанијата планира да гради енергетски капацитет со моќност од 1,8 мегавати.
Уделот во компанијата на Елена Ковачевска е пријавен во анкетниот лист на премиерот. Пријавениот удел е во вредност од 62 000 денари, сума идентична на нејзиниот основачки влог во компанијата.
The post Секој може да си ги инвестира парите во што сака, така и мојата сопруга, вели Ковачевски appeared first on 360 степени.