СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ усвоија амандман за прераспределба на средства за Комисијата за заштита од дискриминација
Во образложението на амандманот пратеничката Шкриељ рече дека Комисијата за заштита од дискриминација, формирана согласно со новиот закон се профилира како независно и ефективно тело кое работи проактивно и транспарентно и одговара на потребите на граѓаните за заштита и промоција на нивните права
Комисијата за заштита од дискриминација ќе добие еден милион и седумдесет илјади денари за поефикасно извршување на своите функции предвидува амандаманот што вечерва едногласно го усвои собраниската Комисија за финансирање и буџет во рамките на амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2023 година.
Амандманот во координација со Комисијата го предложи пратеничката на СДСМ, Санела Шкриељ, а го поддржаа и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Во образложението на амандманот пратеничката Шкриељ рече дека Комисијата за заштита од дискриминација, формирана согласно со новиот закон се профилира како независно и ефективно тело кое работи проактивно и транспарентно и одговара на потребите на граѓаните за заштита и промоција на нивните права.
„Од тие причини верувам дека сите треба да излеземе во пресрет на нивното барање за прераспределба на средства и да го усвоиме амандманот“,
рече Шкриељ.
Комисијата денеска втор ден расправаше по амандманите на Предлог-буџетот за 2023 година, при што беа усвоени два амандмани, а два беа одбиени.
Инаку, владејачкото мнозинство во Комисијата го оспорува гласањето за вториот усвоен амандманот што го поднесе пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на барање на Сојузот на синдикатите на Македонија, а со кој се бараат средства за зголемување на платите во администрацијата за 15 отсто.
Откако пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска го образложи амандманот, а по неа зборуваше и нејзината сопартијка Ели Панова, претседателот на Комисијата Бојан Стојановски ја затвори расправата и го стави на гласање амандманот, по што констатираше дека „за“ гласале шест члена на Комсијата, а ниту еден не се изјаснил „против“ или „воздржан“.
По ова уследи реакција од пратениците од владејачкото мнозинство кои побараа пауза, обвинувајќи дека гласањето не било уредно затоа што додека се одвивало сè уште не биле вратени нивните колеги кои биле на друг настан.
Марија Георгиевска од СДСМ побара Стојаноски да го корегира и да го повтори гласањето, оценувајќи дека постапувањето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ „е крајно несерозно и недостојно и оти се продаваат евтини финти во Комисијата“.
Претседателот на Космијата, Стојаноски ги отфрли тврдењата дека ја нарушил работата на Комисијата и Деловникот. Објасни дека заклучил оти сите арументи од расправата се исцрпени по излагањето на двете пратенички, по кои и тој бил пријавен за збор, но, како што рече, заклучил дека сите аргументи од расправата се исцрпени и нема поента да се вклучи во расправата.
Амандманот со кој ВМРО-ДПМНЕ побара финансии за зголемуваење на платите на администрацијата не беше прифатен од заменик-министерот за финансии Филип Николовски.
Во претпладневниот дел од работата на Комисијата за финансирање и буџет не беше усвоен амандманот поднесен од ВМРО-ДПМНЕ со кој се бараше да се одложи зголемувањето на данокот на додадена вредност (ДДВ) за електрична енергија од 5 на 10 отсто, што е планирано да стапи на сила од 1 јануари, идната година.
Во рамките на амандманската расправа за Предлог-буџетот Комисијата треба да разгледа вкупно 263 амандмани од кои 199 се поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2023 година ќе продолжи в понеделник во 11 часот, најави Стојаноски.
Извор: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ усвоија амандман за прераспределба на средства за Комисијата за заштита од дискриминација – 360 степени.