САНАЦИЈАТА НА МОСТОТ БЕЛАСИЦА И ПОНАТАМУ ЕНИГМА – Градоначалничката: Се прават сите напори што поскоро да се пушти во употреба
Точен датум кога ќе почне да функционира, ниту пак, кога ќе почне реконструкцијата на мостот „Беласица“ и понатаму нема.
Денеска опожарениот мост во центарот на Скопје го посетија градоначалничката Данела Арсовска, заедно со тим од град Скопје, како и професорот Михаил Гаревски, кој во јавноста е познат најмногу по експертизата во областа на сеизмологијата и издржливоста на градбите при заштита од земјотреси.
Градоначалничката Арсовска за медиумите потенцираше дека нема посериозни структурни нарушувања на мостот и истакна дека ќе се направат сите испитувања, а им порача на политичарите да не шират паника.
– Првичните информации говорат дека благодарение на брзата реакција на пожарникарите, оштетувањата на објектот се минимални и не довеле до нарушување на структурниот интегритет на мостот. Во моментот правиме се што е во наша можност за час поскоро мостот да биде пуштен во употреба – посочи таа, како што може и да се слушне од видеото подолу кое го објави телевизија 24.
Професорот Гаревски пак посочи дека според првични проценки, не е потребна сериозна санација на мостот и тој се надева дека ќе биде пуштен во употреба за брзо време.
– Јас направив првична визуелна инспекција. Видни се оштетувања од аспект на отпаѓање на бетон кои се како резултат на висока температура, но е резултат и на гаснењето со вода. Експертизата што ќе ја направиме не треба да трае повеќе од 20 дена и таа ќе покаже дали ќе треба санакција на мостот, кај неносивите елементи – посочи професорот.
Тој дополни дека по зајакнување на мостот, можно е да следи пробно пуштање во функција на едната сообраќајна лента.
Мостот „Беласица“ беше опожарен ноќта на 12 мај кога беше опожарена површина од 2000 квадратни метри. Арсовска изјави дека прелиминарната истрага покажала дека прична бил човечки фактор.
Фото: Принтскрин/Јутуб/Тв24