Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана: Полицијата на готовс, опозицијата најави протест
Албанската полиција соопшти дека ги презеле сите неопходни мерки за гарантирање на јавниот ред и мир за време на Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој ќе се одржи на 6 декември, во Тирана.
Генералниот директор на полицијата, Мухамет Румбулаку, рече дека изготвен е детален план за мерки во соработка со органите на прогонот во земјата, но и со безбедносни експерти од земји на ЕУ.
„За да се гарантира редот и безбедноста, на премините на делегациите и на местото каде што ќе се одржи Самитот, Државната полиција изготви детален план за мерки, во соработка со органите на прогонот во земјата, со безбедносни експерти од земјите на ЕУ, како и со меѓународните организации ИНТЕРПОЛ и ЕВРОПОЛ, за навремена размена на информации“
вели Румбулаку.
И покрај ставот на властите да не дозволат опозицијата да протестира во безбедносниот периметар на Самитот на Европската Унија – Западен Балкан, шефот на Демократската партија Сали Бериша е решен да го одржи протестот токму пред кабинетот на премиерот на Албанија.
Во порака до граѓаните, Бериша ги повикува да протестираат на булеварот „Дешморет е Комбит“ за да им ја покажат албанската реалност на своите европски пријатели. Според Бериша протестот е најнормална работа во слободни земји.
„Протестите на самити и на овие состаноци се најнормална работа во слободните земји. Тоа е порака до лидерите на Европа дека не се согласуваме со режимот на Еди Рама. Се бориме за права и слобода. Тоа е контранапад за оштетување на имиџот на Албанија од страна на Еди Рама“.
рече Бериша.
И Американската амбасада во Тирана упати предупредување до своите граѓани да бидат внимателни на 6 декември, кога во албанскиот главен град се одржува Самитот ЕУ-Западен Балкан. Во објавата на веб-страницата на Амбасадата се наведува дека се очекува затворање на патиштата и пренасочување на сообраќајот во текот на целиот ден во центарот на главниот град и на обиколниците.
„На граѓаните на САД им се препорачува да избегнуваат големи собири. Иако многу масовни настани се одвиваат мирно, некои ситуации можат брзо и непредвидливо да се променат. Следете ги локалните медиуми и упатствата на локалните органи за спроведување на законот за најновите информации“.
се наведува во соопштението на американската дипломатска мисија во Тирана.
Според премиерот на Албанија, Еди Рама одржувањето на Самитот во Тирана е стратешка оценка за Албанија.
„Тоа е многу внимателно избрана станица. Се подготвуваме повторно да ја одиграме нашата улога, како Албанија, но и како регион… Секогаш сме седеле на масата на великаните на Европа како рамноправни меѓу еднаквите и покрај тоа што сме многу свесни за патот по кој треба да одиме за да се обединиме на таа маса како рамноправни членови“
вели Рама.
Прашан дали ќе преговара со опозициската партија на Сали Бериша за протестот, Рама рече дека ДП е расформирана сила.
Самитот е во организација на ЕУ, Албанија е домаќин, а европските институции се одговорни за безбедноста. Рама додаде дека ЕУ не изразила никаква загриженост во однос на тоа што тој ден ќе има протест на ДП.
The post Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана: Полицијата на готовс, опозицијата најави протест appeared first on 360 степени.