САД повикаа на воздржаност и итно отстранување на барикадите на северот на Косово
Амбасадите на САД во Србија и Косово вечерва повикаа на деескалација на ситуацијата, како и на итно отстранување на барикадите на северот на Косово
Во заедничко соопштение на амбасадите на САД во Белград и Приштина се вели дека Соединетите Држави изразуваат длабока загриженост за моменталната ситуација на северот на Косово и ги повикаа инволвираните страни да покажат максимална воздржаност, како и да преземат итна акција со цел да се постигне деескалација на ситуацијата.
Амбасадите ги повикаа страните да работат во рамките на дијалогот предводен од Европската Унија.
„Разбираме дека косовските власти приведоа лице осомничено за вмешаност во насилен напад врз косовските органи за спроведување на законот и изборната комисија. Тоа апсење се користи како оправдување за нелегални блокади на патиштата, како и за закани и заплашување на косовските власти и локалното население“,
се вели во соопштението на двете амбасади објавено вечерва.
Амбасадите додаваат дека оние што подигнале незаконски блокади треба веднаш да ги отстранат.
„Очекуваме крај на сите закани со насилство и заплашување. Ја изразуваме нашата благодарност и целосна поддршка на силите на НАТО на Косово (КФОР) за нивните напори да обезбедат безбедност и слобода на движење и на Мисијата на Европската Унија за владеење на правото (ЕУЛЕКС) “,
се вели во соопштението.
Амбасадите додаваат дека ги осудуваат како неприфатливи сите напади врз Косово и меѓународните безбедносни агенции.
Претходно осуда за случувањата во Косово стигна и од ЕУ и НАТО.
The post САД повикаа на воздржаност и итно отстранување на барикадите на северот на Косово appeared first on 360 степени.