Родители на ученици во „Владислав Рибникар“: Децата ни ги убија на училиште, прекинете ја наставата
Сè што се случи во училиштето по 03.05.2023 година претставува само обид насилно да се врати „нормалната“ ситуација во училиштето. Кризниот план, кој училишната управа се обидува да го спроведе по секоја цена, има единствена цел да ги прикрие последиците од трагичниот настан, наведуваат родителите
Група родители на ученици од белградското училиште „Владислав Рибникар“, каде што беше извршено масовното убиство на девет ученици и чувар, бараат итен прекин на наставата преку соопштението што денеска го испратија до медиумите.
„Групата родители на ОУ „Владислав Рибникар“ ја поддржа иницијативата за итно прекинување на наставата во постојната училишна зграда и завршување на работната учебна година до 3 мај 2023 година. Повеќе од 150 родители на ученици од ова училиште бараат учебната година да се заврши до 3 мај 2023 година, како ден кога трагичниот настан насилно ја прекина нормалната настава“,
се наведува во соопштението.
Сè што се случи во училиштето по 03.05.2023 година претставува само обид насилно да се врати „нормалната“ ситуација во училиштето. Кризниот план, кој училишната управа се обидува да го спроведе по секоја цена, има единствена цел да ги прикрие последиците од трагичниот настан, наведуваат родителите.
„Родителите кои ја поддржуваат оваа иницијатива сметаат дека планот за продолжување на школувањето кој се спроведува од 10 мај е штетен за развојот на голем број ученици (ако не и сите) и дека единствено решение е моменталниот прекин на часовите и крај на работната учебна година. За ваквиот однос родителите добија поддршка од еминентни стручњаци од областа на невропсихијатријата и психотерапијата. Учебната година трагично заврши на 3 мај. Секој ден потоа не е продолжение на учебната година туку вештачко преправање дека ништо не се случило. И се случи. Децата се убиени во нашето училиште“,
заклучуваат родителите на учениците од белградското училиште „Владислав Рибникар“.
Невропсихијатар: Неопходно е децата да не доаѓаат на местото на злосторството
Во соопштението родителите приложија и образложено барање за прекин на наставата потпишано од д-р Зоран Ѓуриќ, невропсихијатар и судски вештак.
„Се залагам децата од Рибникар да ја завршат оваа учебна година сега, во мај 2023 година. Причините се следни: Масовното убиство на девет врсници и работник од обезбедувањето претставува силен стрес за нив. Емотивната клима на другарство, игра, заедничко учење, безбедност и доверба е нарушена од ова злосторство. Некои деца биле сведоци на злосторството и биле ранети, некои преживеале неповредени, некои биле на смена и слушнале истрели. Децата се истрауматизирани затоа што директно биле сведоци на загубата на животите на нивните пријатели, другите се секундарно истрауматизирани, бидејќи за тоа веднаш дознале од нив“,
вели д-р Ѓуриќ.
Да се доживее да бидеш ранет во вооружен напад, да бидеш сведок на смртта на драги пријатели, да дознаеш дека пријателите што ги гледаш секој ден на училиште и на друштвени собири повеќе не се живи, е трауматичен настан од прв ред, додава д-р Ѓуриќ.
„Децата се најдоа во ситуација што не можеа да ја замислат, целосно неподготвени да се сретнат со суровоста на криминалот. Затоа денес се вознемирени, збунети, исплашени и тажни. Денес децата спијат лошо и имаат тешки соништа. Секое потсетување на злосторството ги вознемирува. Оваа состојба претставува посттрауматска реакција на катастрофален настан“,
вели невропсихијатарот.
На крајот тој заклучува дека децата сега не можат да размислуваат за учење. Тие, вели д-р Ѓуриќ, сега треба да зборуваат за она што го доживеале, да плачат заедно, да тагуваат и да го разберат овој ужасен настан.
Учениците од ОУ „Владислав Рибникар“ се вратија на настава една недела по масовното убиство кое го изврши нивниот соученик К.К. Како што соопштија тогаш од училиштето, наместо редовна настава, на децата ќе им се обезбеди поддршка и отворен разговор. Наставата ќе започне кога учениците и наставниците ќе проценат дека е дојдено време.
The post Родители на ученици во „Владислав Рибникар“: Децата ни ги убија на училиште, прекинете ја наставата appeared first on 360 степени.