Рама го осуди нападот врз Бериша и побара итна истрага
Насилството не било, не е и никогаш нема да биде средство за решавање на кое било прашање или загриженост и секој што го користи ова средство мора да се соочи со целосната сила на законот, се вели во реакцијата пренесена од прес-службата на премиерот
За инцидентот на протестот на опозицијата, кога беше нападнат лидерот на фракцијата на Демократската партија, Сали Бериша, реагираше и премиерот Еди Рама, кој го осуди насилството и побара итна истрага.
„Премиерот на Албанија, Еди Рама, недвосмислено го осудува неоправданиот и нетолерантен чин на насилство врз организаторот и водачот на денешниот протест! Насилството не било, не е и никогаш нема да биде средство за решавање на кое било прашање или загриженост и секој што го користи ова средство мора да се соочи со целосната сила на законот“,
се вели во реакцијата пренесена од прес-службата на премиерот.
Претходно Бериша, на средба со новинарите, во седиштето на партијата, по протестот, рече дека лицето што го нападнало е агент на криминалистичката полиција и оти „се е испланирано од Рама“.
Рама, пак, на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, по самитот ЕУ-Западен Балкан, што денеска се одржа во Тирана, избегна коментар за нападот врз Бериша, велејќи дека неговата реакција може да се прочита на веб сајтот на владата.
The post Рама го осуди нападот врз Бериша и побара итна истрага appeared first on 360 степени.