Различни серии на вакцините на Фајзер немаат различен состав
Во постот и во текстот што се споделува се изнесени повеќе невистини. Во написот како извор на информации и заклучоци се користи базата на пријави за сомнеж за несакани ефекти по вакцинација ВАЕРС. Во постот неточно се тврди и дека тие што биле вклучени во клиничките тестирања биле измамени или принудени да учествуваат. Напротив, учеството во клиничко тестирање е доброволно. Не е вистина ниту тврдењето дека има разлика во формулациите меѓу вакцините на Фајзер кои имале дозвола за итна употреба и оние кои имале дозвола за целосна употреба. Лиценцираната вакцина на Фајзер (комирнати) ја има истата формулација како и вакцината на Фајзер којашто доби одобрение за итна употреба. Тоа значи дека овие производи може да се користат заедно, односно да се мешаат без да предизвикаат какви било безбедносни или ризици по ефективноста,, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се тврди, дека некои луѓе имале среќа при клиничките тестирања на ковид вакцината да примат плацебо, а други „мала доза токсичен отров“, како и дека клиничкото тестирање било „руски рулет”. Потоа се споделува текст во кој се вели дека документ од Американската агенција за храна и лекови на САД потврдува дека различни серии од вакцината против ковид-19 имале различен состав, односно различни пратки имале различна формула од вакцината.
Во текстот се користи базата на пријави за сомнеж за несакани ефекти по вакцинација ВАЕРС, како извор на информации и заклучоци кои не би смеело да се изведуваат од ВАЕРС. Така, во написот се тврди дека според ВАЕРС базата, некои вакцини имале повисока инциденца на смрт и последици, а други серии немале несакани ефекти. Но, базата на ВАЕРС, како што Вистиномер веќе има детално пишувано, не е база за докажување на причинско-последична релација меѓу некој несакан ефект и вакцината, од причина што самата база е составена од пријави од луѓе коишто не мора да имаат докази или да бидат сигурни дека станува збор за причинско последична врска меѓу вакцината и несаканиот ефект, туку доволно е да имаат сомнеж. Може да пријавуваат и анонимно. Од ваква база, во текстот сепак се изведува неточниот заклучок дека овие вакцини се причинител на тие несакани ефекти, иако тоа е недокажано и самиот ВАЕРС кажува да не се прави.
Интересно е што и во самиот текст во следниот пасус се вели дека:
На суд би било тешко да се докаже дека инциденцата на несакани ефекти според бројот на серија е поврзана со тоа дека вакцините се разликувале по состав од серија до серија.
Едноставно, самата серија на вакцина, и тоа повторно добиена од системот на ВАЕРС, воопшто не покажува причинско-последична врска меѓу несаканиот ефект и лотот на вакцината, со оглед на тоа што не е познато ни дали самиот несакан ефект е последица на нешто друго, дали е во доволна инциденца за да биде ризик за пошироката популација и така натаму.
Токму ваква дезинформација дека некои серии на вакцини се предизвикувачи на повеќе несакани ефекти од други серии, веќе имаме дебанкирано на Вистиномер.
Исто така, не е точно ниту тврдењето во постот дека тие што биле вклучени во клиничките тестирања биле измамени или принудени да учествуваат. Напротив, учеството во клиничко тестирање е доброволно. Целиот процес може да го прочитате на следниот линк.
За да се учествува во клиничко тестирање, учесникот мора да се согласи на тоа сам и доброволно. Понатаму, во вакцините нема никаков отров, ни во мали ни во големи дози. Целосниот состав на вакцината на Фајзер може да се види овде.
Клучното тврдење во текстот од постот што го рецензираме е дека вакцината на Фајзер којашто била одобрена од страна на Американската агенција за храна и лекови за итна употреба (Emergency use authorization), наводно не била иста по формулација со таа што била одобрена за целосна употреба.
За да биде одобрена дозвола за итна употреба (emergency use approval), мора да биде докажано дека вакцината може да превенира сериозни или животозагрозувачки состојби и дека нејзините познати и потенцијални бенефити се подоминантни од потенцијалните ризици. Американската агенција за храна и лекови изјави дека за вакцината против ковид-19 да биде администрирана кај јавноста, вклучително и кај здравите луѓе, тие ќе издадат дозвола за итна употреба само ако вакцината демонстрира јасна ефективност во големо клиничко тестирање.
По завршувањето на трите фази од клиничкото тестирање, производителот на вакцината мора да ги презентира резултатите пред Агенцијата за храна и лекови на проверка која покажува дека вакцината е безбедна и ефективна и дека нејзините бенефити ги надминуваат ризиците.
Откако вакцината ќе биде одобрена, мора да е соодветно обележана, односно на неа да се наведени сите ризици и бенефити како и нејзината точна употреба, така што здравствените работници може да ја споделат оваа информација со своите пациенти.
Пред одобрената вакцина да биде дистрибуирана до јавноста, производителот мора да ги ТЕСТИРА СИТЕ СЕРИИ од вакцината, наречени лотови, за безбедност, ефикасност и чистина. Агенцијата за храна и лекови ги прегледува овие информации пред лотовите да се пуштат во употреба. Исто така, Агенцијата за храна и лекови рутински врши инспекција во објектите каде што се произведуваат вакцините за да се осигура во безбедноста и квалитетот на вакцината. Вакцината на Фајзер ги има поминато сите овие ригорозни процеси.
Формулацијата на вакцината на Фајзер авторизирана за деца од 5 до 11 години, се разликува од формулацијата авторизирана за постарите. Вакцината на Фајзер авторизирана за деца од 5 до 11 години, не треба да се меша со комирнати, пишува на сајтот на ФДА.
Небраска мед пишува дека лиценцираната вакцина на Фајзер (комирнати) ја има ИСТАТА ФОРМУЛАЦИЈА како и вакцината на Фајзер којашто доби одобрение за итна употреба! Тоа значи дека овие производи може да се користат заедно, односно да се мешаат без да предизвикаат какви било безбедносни или ризици по ефективноста. Продуктите се разликуваат легално, со некои разлики коишто немаат влијание на безбедноста и ефективноста!
Американската агенција за храна и лекови сака да има едно единствено комбинирано упатство за употреба на вакцината. Еден лист со упатства прави тие да бидат едноставни за разбирање за луѓето кои ја администрираат и примаат вакцината. Брендираните и небрендираните вијали од вакцината се по хемиски состав ИДЕНТИЧНИ и покрај тоа што се легално различни, пишува фармацевтот Брајан Александар.
И на самата страница на Фајзер пишува:
Комирнати и вакцината на Фајзер што имаше дозвола за итна употреба, имаат исти формулации и може да се користат заеднички во вакцинална серија. На индивидуа може да му се понуди или комирнати или вакцина од Фајзер Бионтек против ковид-19 за да се спречи коронавирусот.
„Вистиномер“ во оваа рецензија ќе презентира два примера во коишто се гледа дека сериозни национални влади ги проверуваат сите до една серии на вакцините за нивната исправност и го контролираат квалитетот, покрај тоа што го прави и самиот производител „Фајзер“.
Овие контроли резултираат со проверки во национални лаборатории, а потоа вакцините добиваат свој сертификат за секоја издадена и прозиведена серија од којшто се гледа дека и националните регулатори во земјите каде се администрира вакцината, ги провериле и ги одобриле дозите за употреба пред да ги администрираат на своето население.
Првиот пример е со регулаторот за лекови на Австралија (Тherapeutic Goods Administration). Австралија независно го испитува квалитетот на „Фајзер“ вакцината прво со чекорот на издавање сертификат, а после тоа и со лабораториска проверка и тоа на секоја произведена серија на вакцина „Фајзер“ којашто се администрира во Австралија.
Значи, изнесеното во постот што го рецензираме, дека има разлика во формулациите меѓу вакцините на Фајзер кои имале дозвола за итна употреба и оние кои имале дозвола за целосна употреба, е невистина. Вакцината е со иста формулација, а разликите се во легалниот дел и може да ги прочитате овде.
Лиценцираната вакцина на Фајзер (комирнати) ја има ИСТАТА ФОРМУЛАЦИЈА како и вакцината на Фајзер којашто доби одобрение за итна употреба! Тоа значи дека овие производи може да се користат заедно, односно да се мешаат без да предизвикаат какви било безбедносни или ризици по ефективноста.