Работиме на скринингот, а С Македонија очекува наскоро да ги направи и уставните измени, порача Ковачевски на Самитот на ЕУ
Премиерот зборувал на панел-дискусијата и за зелената агенда посочувајќи дека неодамна почна со работа најголемата фотоволтаична електрана, како и дека Северна Македонија е прва на Западен Балкан која усвоила Стратегија за развој на енергетскиот сектор и прва која спроведува проект за замена на стара термоцентрала на јаглен („Осломеј“) со фотонапонска централа
Премиерот Димитар Ковачевски во дискусијата на панелот во рамки на самитот на ЕУ за Западен Балкан во Тирана порача дека Северна Македонија и Албанија, кои ги започнаа преговорите со Унијата, продолжуваат посветено да работат на скринингот, а исто така земјава очекува наскоро да ги направи и уставните измени со кои уште еднаш ќе покаже највисок степен на демократија и почитување на основните човекови права.
„Премиерот Ковачевски на сесијата рече дека потребна е силна и тесна соработка на целиот регион посебно во делот на енергетиката. За постигнување на амбициозните цели за енергетска транзиција и за надминување на предизвиците кои ни ги наметна економската и енергетската криза, потребно е фокус на изнаоѓање алтернативи за стабилно и континуирано снабдување со електрична енергија, но и насочување кон обновливи извори на енергија“,
додаваат од Владата.
Тој зборувал и за зелената агенда која ја посочил како главен двигател за земјата во контекст на енергетската криза во која се наоѓаме. Како што посочил, само изминативе неколку месеци во земјава започна со работа најголемата досега фотоволтаична електрана која произведува струја од домашни ресурси, а ги задоволува потребите на многу домаќинства.
„Од една страна, поедноставените процедури за поставување фотоволтаици овозможуваат посеопфатна и поширока нивна примена, додека пак сериозниот пристап кон инвестиции во областа на енергетиката со посебен фокус на обновливите извори на енергија од друга страна, овозможува интензивирање на енергетската трансформација на земјата, но и на регионот“,
посочил Ковачевски.
Исто така, тој посочил и дека Северна Македонија е првата земја во регионот на Западен Балкан која усвоила Стратегија за развој на енергетскиот сектор заснована на столбовите на Зелениот договор на ЕУ.
„Република Северна Македонија е и првата земја која спроведува проект за замена на стара термоцентрала на јаглен во ’Осломеј‘ во Кичево со фотонапонска централа, како конкретен чекор кон енергетската транзиција на Северна Македонија, покажувајќи силна иницијатива за декарбонизација на нашиот енергетски сектор. Ќе го спомнам и нашиот најзначаен проект за енергетска транзиција, во фаза на евалуација е изградбата на пумпно складиште хидроцентрала Чебрен, Црна Река, вредна над 800 милиони евра“,
рекол премиерот.
The post Работиме на скринингот, а С Македонија очекува наскоро да ги направи и уставните измени, порача Ковачевски на Самитот на ЕУ appeared first on 360 степени.