Путин: Ризикот од нуклеарна војна е зголемен, но ние не сме луди
Не сме луди, разбираме што е нуклеарно оружје. Ги имаме овие средства во понапредна и помодерна форма од која било друга нуклеарна земја. Но, нема да трчаме низ светот мафтајќи со овие оружја како со жилети, рече рускиот претседател говорејќи на годинешниот состанок на рускиот совет за човекови права нагласувајќи дека неговата земја ќе користи оружје за масовно уништување само како одговор во случај да биде нападната
Според рускиот претседател, Владимир Путин заканата од нуклеарна војна се зголемува, но потенцира дека Русија не „полудела“ и оти нема да го користи своето нуклеарно оружје прва.
Рускиот претседател ова го изјави говорејќи на годинешниот состанок на рускиот совет за човекови права нагласувајќи дека неговата земја ќе користи оружје за масовно уништување само како одговор во случај да биде нападната, пренесува Би-би-си.
Тој рече дека ризикот од нуклеарна војна расте, што е последно во серијата такви предупредувања, но дека Русија го гледа својот арсенал како средство за одмазда, а не за да нападне прва.
„Не сме луди, разбираме што е нуклеарно оружје. Ги имаме овие средства во понапредна и помодерна форма од која било друга нуклеарна земја. Но, нема да трчаме низ светот мафтајќи со овие оружја како со жилети“,
рече Путин обраќајќо се преку видео-врска од Москва.
Во врска со војната, рускиот претседател вели дека неговата војска би можела да се бори во Украина долго време, но не гледа „поента“ во мобилизирање дополнителни трупи во овој момент.
„Што се однесува до времетраењето на специјалната воена операција, се разбира, ова може да биде долг процес“,
рече Путин, користејќи го терминот „специјална операција“ кој Москва го користи за инвазијата на Украина уште од нејзиното започнување во февруари, годинава.
Путин рече дека 150 000 од мобилизираните 300 000 резервисти во септември и октовмри биле распоредени во Украина, од кои 77 000 во борбени единици, а останатите во одбранбени функции. Останатите 150 000 се уште се во центрите за обука.
„Под овие услови, да се зборува за какви било дополнителни мерки за мобилизација едноставно нема смисла“,
рече рускиот претседател.
Путин обично не разговара за можната должина на војната, но во јули рече дека Русија само што започнала со дејствијата. Оттогаш нејзините сили беа принудени на значително повлекување, но Путин рече дека не жали што ја започнал војната.
Путин рече дека Русија веќе постигнала „значаен резултат“ со преземањето на „нови територии“ во Украина, мислејќи на анексијата на четири делумно окупирани региони во септември. Киев и повеќето членки на Обединетите нации ја осудија анексијата како нелегална.
На 24 февруари Русија ја започна својата инвазија на Украина. Оттогаш, илјадници луѓе се убиени, милиони се раселени, украинските градови се уништени, а глобалната економија е потресена.
The post Путин: Ризикот од нуклеарна војна е зголемен, но ние не сме луди appeared first on 360 степени.