Приватните превозници повторно на протест, најавуваат дека блокадите ќе траат се до исполнување на нивните барања
Автобусите на приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ почнаа со протести и велат дека блокадите нема да ги тргнат се до исполнување на нивните барања. Утрово посебен режим на сообраќај е воспоставен на булеварот „Илинден“ во делот околу просториите на Град Скопје, на крстосницата кај Црвен Крст, како и кај ТЦ „Мавровка“
Приватните автобуски превозници од двете компании „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ денеска повторно поставија блокади на неколку главни точки во главниот град, односно на крстосниците пред ТЦ „Мавровка“, „Црвен Крст“, како и на булеварот „Илинден“ околу просториите на Град Скопје. Тие велат дека овој пат нема да ги тргнат блокадите се до исполнување на нивните барања.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека ќе има посебен режим на сообраќај кој ќе биде воспоставен на булеварот „Илинден“ и тоа од крстосницата со булеварот „Св. Климент Охридски“ до крстосницата со „8 Септември“, како и на крстосницата од улицата „11 Октомври“ и булевар „Кочо Рацин“ и крстосницата од булевар „Гоце Делчев“ и „Крсте Мисирков“, кај Судска палата.
Директорот на приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, вчера, најави можна радикализација на протестот на приватните превозници се до решавање на проблемот и исплата на долгот од страна на ЈСП „Скопје“.
Како можна опција, Јовановски го посочи штрајкот со глад, но како што рече, останува на превозниците да одлучат во која насока би се движела евентуалната радикализација на протестите.
Јовановски порача дека протестите изминатите денови не вродиле со плод и затоа е донесена одлука за блокада на повеќе крстосници во Скопје.
„Протестиравме на ‘Илинденска’, протестиравме пред градското собрание, протестиравме и пред ‘Мавровка’. Никој ништо не реагира и нема резултат. Рековме дека ќе се радикализираат протестите. Утре приватните превозници решија да ги прошират протестите и на тој начин. Ако некој нив и натаму не им верува, а ѝ верува на градоначалничката на сите невистини коишто ги зборува, нека дојдат да ги видат. Следниот чекор ќе биде да си ги изнесат жените и децата и тие ќе покажат дека немаат што да јадат“,
рече Јовановски и додаде дека ова е прв протест по 1999 година во кој приватните превозници мораат да излезат на улица и да протестираат поради, како што кажа, неможноста да го објасната проблемот меѓу ЈСП, Градот и превозниците.
Според него досега приватните превозници неколку пати барале да бидат примени и сослушани од градоначалничката, но таа не сакала да ги прими.
„Нема што да бараме некој да не прими ако тој не сака. Бидејќи таа не знае како, и е сплеткана во таква пајажина, од која, сигурен сум дека не може да излезе, нека остави на стручните служби на ЈСП, на секторот за сообраќај и нас како приватни превозници на еден стручен начин да изнајдеме решение како да им се излезе во пресрет на граѓаните. Но, ако градоначалничката нив им се заканува и не им дозволува да контактираат и да ја завршат работата онака како што е предвидена во одлуките и законите тогаш ќе тонеме во еден ваков правец“,
вели Јовановски од „Слобода превоз“.
The post Приватните превозници повторно на протест, најавуваат дека блокадите ќе траат се до исполнување на нивните барања appeared first on 360 степени.