Приватните превозници не се откажуваат, Скопје трет ден блокирано
Нема никаква реакција од Градот Скопје, никој ништо не кажува од нивна страна, засега блокадите ќе останат, вели во изјава за МИА директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски
Скопје денеска е трет ден во блокади. Приватните автобуси кои беа дел од градскиот превоз веќе три дена со паркирани возила ги блокираат клучните автобуси во градот поради што сообраќајот во главниот град е хаотичен, а граѓаните трошат повеќе време за да стигнат на работа или на посакуваната дестинација.
Според изјавите од приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, тие нема да се откажат додека Градот Скопје не им го исплати заостанатиот долг кој тврдат дека вкупно изнесува над 90 милиони денари. Од градоначалничката Данела Арсовска, пак, изминативе два дена имаше молк. Таа вчера се огласи, но само најави дека денеска ќе распише јавен повик за приватни превозници на градските линии со број 20 и 22. Останатиот дел од нејзиното обраќање, пак, се однесуваше на прозивки до двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
„Нема никаква реакција од Градот Скопје, никој ништо не кажува од нивна страна, засега блокадите ќе останат“,
вели во изјава за МИА, директорот на приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски.
И „Слобода превоз“ и „Макескпрес“ во меѓувреме добија известувања од градските власти за раскинување на договорите бидејќи Град Скопје смета дека тие не ги исполнуваат условите и не се придржуваат до одредбите од договорите.
The post Приватните превозници не се откажуваат, Скопје трет ден блокирано appeared first on 360 степени.