Претседателот на Перу соборен од власт откако објави дека ќе го распушти Конгресот
Како што пренесува Би-би-си, соборениот претседател на Перу, Кастиљо бил забележан во полициска станица, но засега нема инфрмации дали е уапсен. Перуанската полиција, како што јавува британскиот радиодифузен сервис, на Твитер објавила фотографии од Кастиљо во полициските простории, кои подоцна се избришани
Во меѓувреме, во Конгресот на Перу потпретседателката на земјата Дина Болуарте, положи заклетва како нов шеф на државата
Во драматична серија на настани и одлуки во период од само неколку часа за тоа кој ќе ја контролира земјата, Конгресот на Перу му изгласа импичмент и го собори од власт досегашниот претседател на земјата, Педро Кастиљо. Потегот на Конгресот уследи неколку часа откако Кастиљо во телевизиско обраќање објави дека ќе го распушти законодавниот дом, јавуваат агенциите.
Соочувајќи се со трет обид за импичмент за 18 месеци на власт, Кастиљо во телевизиско обраќање до нацијата објави дека го распушта Конгресот и дека ќе владее со декрет, потег што неговите критичари го оценија како државен удар.
Поранешниот учител, кој неочекувано ја презеде власта од традиционалната политичка елита на Перу, се соочуваше со постојани кризи, реконструкции на кабинетот и повеќекратни истраги за корупција и протести откако беше избран во јули минатата година.
„Оваа неподнослива ситуација не може да продолжи“,
рече Кастиљо, најавувајќи дека „привремено го распушта Конгресот и воспоставува итна влада“
Тој додаде дека додека не се формира нов Конгрес, со земјата ќе се „владее со декрет“ и дека ќе има полициски час од 22 часот навечер до четири часот наутро.
Соединетите Држави го повикаа Кастиљо да ја повлече својата одлука, а потпретседателката на Перу, Дина Болуарте го обвини за кршење на уставниот поредок.
Сепак, пратениците се собраа да разговараат за предлогот за импичмент и го одобрија, со 101 глас „за“ од вкупно 130 претставници во Конгресот.
Како што пренесува Би-би-си, соборениот претседател на Перу, Кастиљо бил забележан во полициска станица, но засега нема информации дали е уапсен.
Перуанската полиција, како што јавува британскиот радиодифузен сервис, на Твитер објавила фотографии од Кастиљо во полициските простории, кои подоцна се избришани.
Од полицијата засега нема објаснување зошто фотографиите се избришани.
Во меѓувреме, во Конгресот на Перу потпретседателката на земјата Дина Болуарте, положи заклетва како нов шеф на државата.
Дина Болуарте по положувањето заклетва за претседател на Перу/Фото: EPA-EFE/STR
Шеесетгодишната Болуарте, адвокатка по професија, рекла дека ќе владее со земјата до јули 2026 година, кога истекува мандатот на соборениот претседател Кастиљо, пишува Би-би-си.
Кастиљо стана третиот претседател кој од 2018 година досега е сменет од функцијата според уставната одредба за „морална неспособност“.
Кастиљо беше во борба за власт со Конгресот откако јавниот обвинител на Перу подигна обвинение со кое тој се товари дека раководел со криминална организација, во која било вклучено неговото семејство и сојузниците, а која склучувала коруптивни јавни договори.
Кастиљо е под истрага во шест случаи за корупција, но не можеше да му се суди додека беше на функцијата претседател на државата.
Постапките за импичмент се релативно вообичаени во Перу бидејќи уставот на земјата дозволува тие да бидат покренати против претседателот врз основа на повеќе субјективно-политички отколку на правни премиси.
Ова создадава голема политичка нестабилност во земјата. Во ноември 2020 година Перу имаше тројца претседатели за една недела.
The post Претседателот на Перу соборен од власт откако објави дека ќе го распушти Конгресот appeared first on 360 степени.