Превозниците ќе ги тргнат автобусите од „Илинденска“ ако се договорат со Ковачевски
Приватните автобуски превозници, кои сè уште протестираат со блокади на бул. „Илинден“, не отстапуваат од барањето за средба со премиерот Димитар Ковачевски кој, пак, денеска постави услови за реализација на средбата. Превозниците велат дека кога ќе добијат гаранции од премиерот за решавање на нивниот проблем, дури тогаш ќе ги тргнат автобусите
Ако некој ни даде гаранции, во овој случај лично премиерот, дека ќе се реши нашиот проблем, веднаш ќе ги тргнеме автобусите, но не гледам причина зошто да не нè прими прво да разговараме и врз основа на тој разговор и тој договор ние веднаш да ги тргнеме возилата од позицијата.
Ова на денешната прес-конференција го кажа Кемал Муриќ, претставник од приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“, чии автобуси сè уште го блокираат булеварот „Илинден“ пред просториите на Град Скопје.
Коментирајќи го ставот на премиерот Димитар Ковачевски, кој кажа дека е согласен да одржи средба со приватните превозници и со надлежните градски власти, доколку превозниците го исполнат условот и ги деблокираат улиците, Муриќ рече дека немаат ништо против на состанокот да учествуваат и надлежните од Градот Скопје или кој било што ќе придонесе за решавање на нивниот проблем.
„Ние нашата состојба, нашиот проблем, бидејќи не можеме да го решиме со Градот Скопје, со градоначалничката, нормално е дека го префрламе и бараме помош од повисока инстанца на власт во државата, во овој случај тоа е премиерот. Не се работи за никаква закана ниту уцена. Овој протест е најзаконски и најлегален и ние ќе продолжиме и понатаму со овој протест. Значи, очекуваме да не прими премиерот“,
вели Муриќ.
Тој вели дека на средбата со премиерот од него би барале гаранции за враќање на работа на приватните превозници, како и решавање на состојбата со нашиот заостанат долг.
Сепак, приватните автобуски превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, чии договори за работа неодамна беа раскинати од страна на градоначалничката Данела Арсовска, нема да можат да конкурираат на јавните повици за избор на приватни превозни во период од една година од раскинувањето на договорот.
За ова прашање Муриќ кажа дека очекуваат решение од средбата со премиерот Ковачевски и оти тој би требало да најде решение и да ги врати приватниците во јавниот сообраќај.
„Огласот нас совршено не не интересира. Ние сме единствени и немаме намера никој од нас да учествува на тој оглас што единствено претставува обид за разбивање на приватните превозници. Тие опслужуваа 16 линии, а сега се понудени само две линии. Тоа не значи ништо друго освен обид за разбивање на приватните превозници што нема да го доживеат“,
додаде тој.
Како опција за решавање на проблемот на приватните автобуски превозници, Муриќ од „Слобода превоз“ предлага Владата да ѝ ги одземе ингеренциите за јавниот превоз на скопската градоначалничка, по што приватните превозници би биле вратени на работа.
Претходно денеска, пак, на прашањето за одземање на ингеренциите од Градот Скопје се произнесе и премиерот Ковачевски кој кажа дека доколку Владата ги преземе ингеренциите на Градот тоа би значело враќање кон процесот на централизација.
„Освен зголемени давачки, и тоа во сите општини со кои раководи ВМРО-ДПМНЕ и нереализација на ниту еден проект, нема ништо друго. Дали тоа значи дека ние треба да го враќаме процесот на централизација и државата пак да ги презема ингеренциите“,
изјави премиерот.
Ковачевски на денешната прес-конференција, коментирајќи ги најавите на приватните автобуски превозници дека ќе ги радикализираат протестите во главниот град доколку не ја остварат бараната средба со него, изјави дека тој одбива да држи состаноци под уцени и под притисоци.
Но, за средбата да се оствари, тој постави неколку услови.
Во меѓувреме, од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека Ковачевски не може да го реши проблемот со приватните превозници, оти како што се вели во реакцијата на партијата, проблемот го предизвикал негов кадар.
The post Превозниците ќе ги тргнат автобусите од „Илинденска“ ако се договорат со Ковачевски appeared first on 360 степени.