По идентификација на телото на давеникот, ЦУК потврди: Се работи за лицето по кое се трагаше
По направената идентификација од страна на роднините на настраданиот, Центарот за управување со кризи (ЦУК) официјално потврди дека извлеченото тело на давеникот од реката Вардар е истото она по кое се трагаше откако случајот беше пријавен во неделата наутро
Центарот за управување со кризи (ЦУК) вечерва официјално потврди дека телото кое попладнево беше пронајдено во водите на Вардар е истото она по кое се трагаше повеќе од 24 часа. Се работи за лицето што вчера се фрли во реката од мостот „Близнак“ на булевар „Србија” во скопски Аеродром.
„Попладнево е пронајдено лицето кое се фрли од мостот ‘Близнак’ на булевар ‘Србија’ во реката Вардар. Удавениот човек е лоциран на околу два километра низводно од истоимениот мост“,
велат од Центарот.
ЦУК претходно попладнево објави дека е пронајдено тело во Вардар, но оттаму посочија дека дополнително ќе следува идентификација на лицето и потврда на конкретниот случај.
„Телото на давеникот е извлечено од тимот на МВР, направена е идентификацијата од страна на роднините на настраданиот и е утврдено дека се работи за лицето по кого се трагало“,
додаваат од ЦУК.
Во потрагата на лицето кое се фрли во водите на Вардар беа ангажирани екипи на ЦУК, МВР, ДЗС, општините Гази Баба и Аеродром и Градот Скопје, како и Црвениот крст. Потрагата по лицето се вршеше низводно по течението на Вардар во ширина на пресекот на струјата на речното корито од страна на специјализираните единици на МВР.
The post По идентификација на телото на давеникот, ЦУК потврди: Се работи за лицето по кое се трагаше appeared first on 360 степени.