Османи: Нема да се сретнам со Вучиќ во Тирана
Запрашанa за изјавите на Вучиќ за премиерот на Косово Албин Курти, Османи нагласи дека тој „претставува продолжување на менталитетот што постоеше во Србија во 1990-тите, што доведе до војна и убиства на цивили“
Косовската претседателка Вјоса Османи најави дека Косово ќе поднесе кандидатура за членство во ЕУ до крајот на годината, посочувајќи дека самитот ЕУ-Западен Балкан не е место за преговори меѓу Косово и Србија, отфрлајќи ја можноста за средба со српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Ова е средба меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, ова не е место за дијалог и преговори меѓу Косово и Србија. Тоа е посебен процес, со посредство на ЕУ“,
изјави таа за новинарите во Тирана пред почетокот на самитот.
Тоа е процес кој треба да се фокусира на меѓусебното признавање и зачувување на интегритетот и суверенитетот на Косово, како и на уставниот поредок, рече Османи.
Запрашанa за изјавите на Вучиќ за премиерот на Косово Албин Курти, Османи нагласи дека тој „претставува продолжување на менталитетот што постоеше во Србија во 1990-тите, што доведе до војна и убиства на цивили“.
Зборувајќи за очекувањата од Самитот, таа рече дека Косово очекува пред се сите членки на ЕУ целосно да ја поддржат одлуката за визна либерализација и со тоа да ја покажат својата поддршка за Косово.
„Второ, ќе изразиме загриженост за предизвиците со кои сите се соочуваме денес, а кои се резултат на руската агресија врз Украина, без разлика дали се однесува на економски предизвици или безбедносни предизвици или енергетски предизвици. Очекуваме јасна поддршка од ЕУ кога зборуваме за политичка безбедност и сајбер безбедност, но и за финансиска поддршка за соочување со овие предизвици. И конечно, бидејќи денеска ќе зборувам за претстојната апликација на Косово за членство, се надевам дека што е можно повеќе земји ќе ја покажат својата политичка поддршка за нашата апликација“,
рече Османи.
The post Османи: Нема да се сретнам со Вучиќ во Тирана appeared first on 360 степени.