Нови полициски рации во повеќе канцеларии на Европскиот парламент во истрагата за корупција
Полицијата денеска спроведе рации во канцелариите на Европскиот парламент во Брисел за да заплени компјутерски податоци на 10 парламентарни соработници, соопштија обвинителите
Во петокот, полицијата во главниот град на Белгија спроведе повеќе рации како дел од истрагата и пријави дека запленила пари, компјутерска опрема и мобилни телефони. По спроведената рација во петокот, беше утврдено дека потпретседателката на Европскиот парламент и европратеничка од грчката ПАСОК-Движење на промена, Ева Каили, е вмешана во скандалот со корупција по што беше уапсена
Белгиската полиција спроведе нови рации во канцелариите на Европскиот парламент во понеделникот (12 декември), бидејќи претседателката на Парламентот, Роберта Мецола, вети дека ќе започне внатрешна истрага за наводите за корупција, пишува „Асошиејтед прес“.
Обвинителите кои го истражуваа наводното вршење влијание од страна на една земја од Персискиот залив во Европскиот парламент, во текот на викендот обвинија четири лица за корупција, учество во криминална група и перење пари, по што потпретседателката на ЕП, Ева Каили од Грција беше разрешена од должноста.
Полицијата денеска спроведе рации во канцелариите на Европскиот парламент во Брисел за да заплени компјутерски податоци на 10 парламентарни соработници, соопштија обвинителите. Полицајците спроведоа вкупно 20 рации во рамки на истрагата што беше започната пред четири месеци.
„Неколку стотици илјади евра се запленети на три различни места: 600 000 евра во домот на еден од осомничените, неколку стотици илјади евра во куфер запленет во хотелска соба во Брисел и околу 150 000 евра во стан на европратеник“,
соопштија обвинителите, пренесе Асошиејтед прес.
Додека Европскиот парламент ја започна својата последна пленарна сесија оваа година во Стразбур, Франција, претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола рече дека парламентот и европските демократии „се под напад од злонамерни актери, поврзани со автократски трети земји“.
„Ќе започнеме реформски процес за да видиме кој има пристап до нашите простории, како се финансираат овие организации, невладини организации и луѓе, какви врски имаат со трети земји. Ќе побараме поголема транспарентност на средбите со странските актери и оние кои се поврзани со нив“,
рече Мецола.
Во петокот, полицијата во главниот град на Белгија спроведе повеќе рации како дел од истрагата и пријави дека запленила пари, компјутерска опрема и мобилни телефони.
По спроведената рација во петокот, беше утврдено дека потпретседателката на Европскиот парламент и европратеничка од грчката ПАСОК-Движење на промена, Ева Каили, е вмешана во скандалот со корупција по што беше уапсена.
Поради сомнежите за вмешаност во корупција, Каили беше исклучена од нејзината локална партија во Грција, беше суспендирана од политичката групација на социјалдемократите во ЕП, а потоа беше разрешена и од функцијата заменик-претседател на Европскиот парламент.
По апсењето на Каили, Грција го замрзна нејзиниот имот.
Обвинителите во случајот одбија да ја идентификуваат земјата осомничена дека нуди пари или подароци на парламентарни службеници во замена за политички услуги. Неколку членови на ЕП и некои белгиски медиуми ја поврзаа истрагата со Катар, кој е домаќин на тековното Светско фудбалско првенство.
Министерството за надворешни работи на Катар, пак, негираше каква било злоупотреба.
The post Нови полициски рации во повеќе канцеларии на Европскиот парламент во истрагата за корупција appeared first on 360 степени.