„Никогаш не се обидов да извршам измама“: Прво огласување на Фрид по падот на крипто берзата FTX
Поранешниот извршен директор негираше дека преселил какви било лични пари од FTX, велејќи дека сега останал без „речиси ништо“.
Сем Бенкмен-Фрид, поранешен шеф на неуспешната берза за криптовалути FTX, негираше дека извршил измама. Во своето прво појавување во јавноста по падот на FTX, Банкмен-Фрид, некогаш наречен „крипто крал“, изјави за Њујорк тајмс дека имал „лош месец“ и дека речиси останал без готовина, пренесува британскиот јавен сервис Би-Би-Си.
FTX, некогаш проценет на 32 милијарди долари, пропадна минатиот месец. Многу инвеститори не беа во можност да ги повлечат средствата од оваа сега банкротирана глобална берза.
30-годишниот Банкмен-Фрид, исто така, рече дека неговите адвокати го советувале да не зборува јавно, но дека тој ги игнорирал тие препораки. Тој, исто така, негираше дека преселил какви било лични пари од FTX, велејќи дека сега останал без „речиси ништо“.
Во интервју за еден њујоршки весник што го дал од Бахамите, овој крипто бизнисмен се пожалил дека останал со една кредитна картичка на која има долг околу 100.000 долари. Тој изјави дека намерно не ги довел инвеститорите во заблуда и додаде: „Никогаш не сум се обидел да направам измама“.
Меѓутоа, кога постојано го прашуваа за деталите за протокот на пари помеѓу FTX и други ентитети, вклучително и трговската фирма Alameda Research што ја поседува, Банкмен-Фрид беше строг, не давајќи детали.
Тој, исто така, рече дека компанијата се занимавала со „зелено перење“, маркетиншка практика во која компаниите се занимаваат со еколошки проекти за публицитет.
Бенкмен-Фрид некогаш се сметаше за млада верзија на легендарниот американски инвеститор Ворен Бафет, а неговата нето вредност беше проценета на повеќе од 15 милијарди долари на крајот на октомври. Тој тврди дека ја потценил количината на готовина потребна за покривање на повлекувањата на корисниците на FTX, што доведе до паника.
FTX прогласи банкрот набргу потоа, а Банкмен-Фрид поднесе оставка како извршен директор на 11 ноември. Многу крипто компании се борат поради падот во пошироката економија и загриженоста за одржливоста на криптовалутите воопшто.
Според судската пријава објавена претходно овој месец, FTX моментално им должи на своите 50 најдобри доверители речиси 3,1 милијарди долари.
Банкмен-Фрид, забележува Би-Би-Си, стана познат и во Вашингтон како политички донатор, кој наводно ја поддржувал превенцијата од пандемијата и подобрубвање на крипто-регулацијата.