Не може да бидеме заложници на скарани политички субјекти, треба да се седне на разговори за деблокада на Скопје, вели Спасовски
Граѓаните им додадоа мандат да управуваат со градот, им дадоа мандат за бесплатен превоз, а не за блокада на превозот, најмалку што може да се врати на граѓаните е да се седне и да се разговара и на тој начин да се постигне деблокада, вели министерот за внатрешни работи
Апелирам да се седне на маса и да се разговара во однос на целиот овој процес. Тие што го создаваат проблемот ќе мора да седнат и да разговараат и да ги вкрстат аргументите. Не можеме да бидеме како држава, како град, како граѓани да бидеме заложници затоа што некои политички субјекти се скарале и поради нивната кавга сите да бидат блокирани како град и како граѓани. Мислам дека е чесно да излезат пред граѓаните и да кажат дека ќе се седне и ќе се разговара и врз основа на тоа да се дојде до решение отколку вака сите граѓани на Скопје практично да ги сносат последиците ни криви ни должни, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски коментирајќи ги протестите на приватните превозници кои денеска со автобусите блокираа на три крстосници во Скопје.
Од една страна, додава Спасовски, граѓаните им додадоа мандат да управуваат со градот, им дадоа мандат за бесплатен превоз не за блокада на превоз, најмалку што може да се врати на граѓаните е да се седне и да се разговара и на тој начин да се постигне деблокада.
„Ги разгледуваме сите можни опции меѓутоа освен опцијата разговор со оние кои протестираат друга скоро и да нема. Кога станува збор за протест или јавен собир доаѓа до судир на правото на слободно движење и правото на протест. Од утрово разгледуваме и опции со Министерството за правда во однос на оваа дебата“,
додава Спасовски.
Приватните автобуски превозници од двете компании „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ денеска повторно поставија блокади на неколку главни точки во главниот град, односно на крстосниците пред ТЦ „Мавровка“, Црвен крст, како и на булеварот „Илинден“ околу просториите на Град Скопје.
Блокадите ќе останат на постојните места сè додека не се седна на маса и не се најде решение согласно законот и одлуката на Град Скопје, изјави денеска директорот на Здружението на приватни превозници „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, кој прстот за вината околу настанатата ситуација повторно го впери во градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Тој изрази жалење што приватните превозници, по неколкуте обиди да седнат и да се договорат, односно да бидат примени од градоначалничката на Скопје, морале на ваков начин со блокада на крстосници да го изразат својот револт и да го свртат вниманието на јавноста кон нивните позиции.
Јовановски истакна дека со ваквото неодговорно однесување на градоначалничката приватните превозници ја губат својата работа и истовремено систематски се нарушува јавниот интерес.
The post Не може да бидеме заложници на скарани политички субјекти, треба да се седне на разговори за деблокада на Скопје, вели Спасовски appeared first on 360 степени.