Многу манипулации, лаги и незнаење, вели Мицкоски за интервјуто на премиерот за МИА
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, многу нелогичности и манипулации во интервјуто на Ковачевски има во врска со тврдењето дека станува збор за развоен буџет, потоа околу проекциите за растот на БДП, како и со трансферите и дотациите кон општините
Многу манипулации, многу лаги или многу незнаење може да се забележат во интервјуто за МИА на премиерот Димитар Ковачевски, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Успеав да го прочитам тоа пишано интервју на Димитар Ковачевски, и би сакал да кажам три поенти од тоа негово интервју. Првата поента е кога вели дека ова е развоен Буџет – не е развоен Буџет, туку е инфлаторен. Зошто инфлаторен? Затоа што основата на неговото димензионирање е инфлацијата. Тие велат имаме зголемени буџетски приход поради зголемена инфлација, и таа ја проектираат на ниво од 7,1 отсто. Што значи дека сиромашните граѓани дополнително ќе ги осиромашуваат преку даноци, и тие даноци ќе ги прибираат за нетранспарентно трошење на Буџетот“,
вели Мицкоски, кој денеска беше во Велес во рамките на настанот Твојата идеја за промени“.
Мицкоски вели дека има нелогичности и во наводите на премиерот во врска со проекциите за растот на бруто домашниот производ.
„Ковачевски вели дека растот на бруто домашниот производ ќе достигне стапка од пет отсто, а истата таа Влада, истото тоа министерство (за финансии) вели дека следната година ќе имаме раст од 2,9 отсто. Значи огромна е грешката. И тоа кога ќе го претворите во пари значи неколку стотици милиони евра“,
истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Голема лага се додава тој и наводите за трансферите и дотациите кон општините и обвини дека Владата го оневозможува издавањето на општински обврзници и со тоа го кочи развојот на општините.
„Се сѐ прави само да спречи развојот на општините каде што имаме градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ. Па, не им се овозможуваат општински обврзници, задолжувања преку банките како што е случајот во Гевгелија и во Радовиш. Така што повторно уште една лага, уште една манипулација или незнаење на Димитар Ковачевски, што е навистина катастрофално“,
рече Мицкоски.
Тој посочи дека актуелната власт лошо се справува со енергетската криза, обвинувајќи повторно дека под справување се подразбираат „тендери во четири очи“.
„Под справување со енергетската криза се подразбираат тендери во четири очи за набавка на јаглен, транспорт на јаглен, набавка на мазут и „херојско“ авансно плаќање на фактурите. Бидејќи така тие глумат како херои, „херојско“ уплаќање на фактурите за електрична енергија кои што практично ги плаќаат за увоз на струја“,
обвини Мицкоски.
The post Многу манипулации, лаги и незнаење, вели Мицкоски за интервјуто на премиерот за МИА appeared first on 360 степени.