Мицотакис прогласи победа во Грција
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис прогласи победа на вчерашните парламентарни избори, велејќи дека има мандат да формира силна, независна влада.
Прелиминарните резултати покажуваат дека конзервативната Нова демократија на Мицотакис има најмногу гласови на изборите, но и дека нема доволно мнозинство за сама да формира влада.
„Милиони грчки граѓани гласаа за Нова демократија. Одличниот резултат ја покажува волјата на граѓаните кои ни дадоа согласност за политичка независна влада. Народот побара нешто друго – да се движи побрзо на патот на напредокот и големите реформи“, рече Мицотакис. Тој оцени дека „надежта ја победи суетата, а единството ги победи поделбите“.
„Трогнат сум од тешката одговорност што ја имам на моите плеќи, одговорност за која сум повикан да работам уште повеќе за да ја оправдам довербата што ми ја дадовте. Тоа е јасен мандат за новиот четиригодишен период“, додаде Мицотакис.
АП наведува дека врз основа на повеќе од 60 отсто од преброените гласови, Нова демократија е прва со околу 40 отсто од гласовите, а Сириза на поранешниот премиер Алексис Ципрас со околу 20 отсто.
Но, според новите изборни правила засновани на принципите на пропорција, за да може една партија самостојно да формира влада, треба да има околу 46 отсто од гласовите, а доколку не се формира коалициска влада, следните избори може да се одржат на крајот на јуни или почетокот на јули