Мицкоски за судирот Грковска – Јовески: Комично делуваат овие јавни пресметки, како две банди што не можат да го поделат пленот
Тоа беше јасно покажано преку изборот на последните кадровски решенија во обвинителството за организиран криминал, но исто така и во Судскиот совет, и сега гледаме што се случува околу портретирањето од страна на вицепремиерката на јавниот државен обвинител кој што патем речено е предлог на таа иста партија за уставен судија, вели Мицкоски, кој како единствено решение за проблемите со корупцијата и судството тој повторно ја посочи потребата од одржување на предвремени парламентарни избори
Комично делуваат пресметките на отворена сцена меѓу вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска и републичкиот Јавен обвинител, Љубомир Јовески, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на Велес во рамките на настанот „Твојата идеја за промени“ што викендов го организира партијата во повеќе градови во државата.
„Оваа пресметка на отворена сцена ми делува како крими нарко пресметка на две банди од власта на отворена сцена кои што помеѓу себе, поради тоа што не можат да го поделат пленот и да ги задоволат личните интереси, се препукуваат по медиумите. Тоа беше јасно покажано преку изборот на последните кадровски решенија во обвинителството за организиран криминал, но исто така и во Судскиот совет, и сега гледаме што се случува околу портретирањето од страна на вицепремиерката на јавниот државен обвинител кој што патем речено е предлог на таа иста партија за уставен судија“,
рече Мицкоски.
Како единствено решение за проблемите со корупцијата и судството тој повторно ја посочи потребата од одржување на предвремени парламентарни избори.
„Потребни се предвремени парламентарни избори побргу, по смената да дојдат луѓе што ќе ги водат тие институциии да има одговорност, ако сакаме навистина да се бориме против криминалот и корупцијата, се останато е само една обична претстава“,
нагласи Мицкоски.
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска во гостување во емисијата „Топ Тема“ на Телма во петокот изнесе личен став дека Јовески нема покажано доволно како Јавен обвинител за да биде унапреден во уставен судија.
Грковска го критикуваше и изборот на нов шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) велејќи дека поразително е што обвинителите немаат интегритет сами да одлучуваат.
Во својата вчерашна реакција шефот на републичкото јавно обвинителство укажува дека вицепремиерката со своето поведение и изнесените ставови, како носител на јавна функција од извршната власт, директно се меша во работата на Јавното обвинителство и ја загрозува неговата самостојност.
Јовески индиректно одговори и на личното искажаното противење на Грковска во однос на неговата кандидатура за уставен судија. Како што таа смета дека тој нема покажано доволно за да биде унапреден, така и Јовески оценува дека функцијата која таа ја извршува е непотребна.
The post Мицкоски за судирот Грковска – Јовески: Комично делуваат овие јавни пресметки, како две банди што не можат да го поделат пленот appeared first on 360 степени.