Крвав коверт пристигна и во украинската амбасада во Атина, досега се регистрирани 33 слични закани
Адресата на испраќачот на крвавите пакети во сите земји е иста: автосалонот на „Тесла“ во германскиот град Синделфинген. Украина очекува германските власти да ја забрзаат истрагата
Амбасадата на Украина во Атина рано утрово примила крвав коверт, а според портпаролот на украинското МНР, Олег Николенко, адресата на испраќачот е идентична со онаа на ковертите испратени до другите амбасади и конзулати низ светот, јави дописничката на МИА од Атина.
Николенко на Фејсбук објави дека досега се регистрирани 33 случаи на закани во 17 земји, од кои 28 се со крвави пакети, а испраќачот во сите земји е ист: автосалонот на „Тесла“ во германскиот град Синделфинген.
Грчката полиција започнала истрага, а Украина очекува дека ќе има забрзување на истрагата што ја почнаа и германските власти.
„Како што рече Дмитро Кулеба, колку и да се обидуваат непријателите да ја заплашат украинската дипломатија, нема да успеат. Работиме за победа“,
напиша портпаролот на украинското МНР.
Меѓу последните слични закани упатени до украинските дипломатски претставништва се шесте пакети со извадени очи од животни и крвави коверт кои пред десет дена пристигаа во амбасадите на Украина во: Хрватка, Унгарија, Полска, Австрија, Италија и Холандија.
Закана изминатиов период имаше и во украинската амбасада во Казахстан со лажна дојава за бомба. Во амбасадата во Вашингтон, пак, пристигна писмо со фотокопија од критичен напис кон Украина, додека во Ватикан беше вандализиран влезот на амбасадата.
The post Крвав коверт пристигна и во украинската амбасада во Атина, досега се регистрирани 33 слични закани appeared first on 360 степени.