Ковачевски во интервју за МИА: Не е работа на Владата да го решава проблемот со приватните превозници
Данела Арсовска и Христијан Мицкоски се двете адреси каде што треба да се бараат одговорите и решенијата. Владата нема ингеренции во јавниот превоз во Скопје и Владата не е соодветна адреса. Нивните меѓусебни кавги го парализираа градот и тие пред сѐ треба да им се извинат на скопјани, па да седнат да го решат проблемот и тоа веднаш
Не е работа на Владата да решава дневни, менаџерски проблеми, како што е овој со приватните превозници, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА. Тој посочува дека проблемот што поскоро треба да го реши градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Градот и да им го вратат функционален градот на скопјани.
Според премиерот, Владата, во рамки на нејзините ингеренции, направила сè што е во нејзина моќ.
„Законските услови за нормално функционирање на општините се обезбедени, дотациите се обезбедени, дотолку повеќе што во 2023 планирани се и зголемени блок и ДДВ дотации за општините. Изминатиов период ја разгледуваме можноста за преземање на некои инфраструктурни, капитални проекти кои се од значење за градот и граѓаните на Скопје на подолг рок, како што е реконструкцијата на Универзалната сала или пак важни клучки, улици и мостови кои останаа недовршени од минатиот мандат, како што е на пример изградбата на мостот на Љубљанска. И тоа го правиме во обид да ги спасиме важните проекти и да му обезбедиме можност на Скопје да се развива во иднина во навистина модерен град“,
вели Ковачевски.
Премиерот додава дека откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде локалната власт во Скопје пред една година, главниот град е сѐ, само не главен и уште помалку модерен град и оти тоа е недозволиво.
„Ова се случува веќе подолго време, но секако кулминираше со кавгата за тендери и провизии и хасот со јавниот превоз во Скопје. Скопје е нефункционален, заглавен град, со колабиран јавен превоз, со граѓани кои едноставно не можат да си ги завршат дневните обврски, не можат да функционираат нормално. Средношколци пропуштаат настава, родителите не можат да си ги однесат децата во училиште или градинка. Никој не може да стигне ни на работа, ниту на лекар, никаде. Прескапа цена плаќаат граѓаните заради кавгите во ВМРО-ДПМНЕ, меѓу Мицкоски и Арсовска. Тоа е недозволиво“,
нагласува Ковачевски.
Според него, иако делумно се повлечени блокадите, тоа „не е решение за хаосот кој го создадоа и колапсот на јавниот превоз до кој го доведоа градот, градоначалничката Данела Арсовска и Христијан Мицкоски“.
„Тоа се двете адреси каде што треба да се бараат одговорите и решенијата. Владата нема ингеренции во јавниот превоз во Скопје и Владата не е соодветна адреса. Нивните меѓусебни кавги го парализираа градот, тие пред сѐ треба да им се извинат на скопјани, па да седнат да го решат проблемот и тоа веднаш. Доста трпеа скопјани. Мнозинството во Советот на Град Скопје е на ВМРО-ДПМНЕ, претседавачот на Советот е од ВМРО-ДПМНЕ, директорите на јавни претпријатија и членовите на Управните одбори на тие претпријатија исто така се од ВМРО-ДПМНЕ. Очекувам да седнат и да најдат решение за проблемот што самите го создадоа. А тоа го очекуваат и граѓаните“,
вели Ковачевски во интервју за МИА, кое во целост ќе биде објавено утре.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовски во синоќешното интервју за „360 степени“ рече дека Градот има „чиста“ позиција во однос на приватните превозници. Арсовска вината за сообраќајната парализа од изминатите денови ја лоцира кај „Слобода превоз“ зашто, како што рече, сите пари ЈСП ги исплаќало кон ова правно лице со кое имало склучен договор.
Зошто превозниците се жалеа дека пари не виделе, градоначалничката ги упати на адреса на „Слобода превоз“. Таа како несериозни ги смета тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека од јавниот превоз во Скопје ги истиснува „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ за бизнисот да го преземе бугарска фирма.
Приватните превозници кои веќе десетина дена протестираат на улиците во главниот град барајќи од ЈСП „Скопје“ исплата на долг, во повеќе наврати ја повикаа Владата да помогне во изнаоѓање на решение за проблемот.
The post Ковачевски во интервју за МИА: Не е работа на Владата да го решава проблемот со приватните превозници appeared first on 360 степени.