И денеска не се избра директор на Академијата за судии и јавни обвинители, пристигнала уште една пријава по пошта
Пристигнатата пријава по пошта е од судијата Ангел Димовски
Точката за избор на директор на Академијата за судии и јавни обвинители, Управниот одбор ја тргна од дневен ред на денешната седница поради пристигната пријава по пошта од уште еден кандидат и потреба да биде разгледана од Комисијата за избор. Изборот на директор, како што информираат оттаму, ќе биде дополнително закажан.
Пристигнатата пријава по пошта е од судијата Ангел Димовски.
Со тоа во трка за директор на Академијата се четворица кандидати. Покрај Димовски и доскорешната директорка Наташа Габер-Демјановска, пријави поднеле и судијата од Основниот Кривичен суд Скопје, Ненад Савески и судијката од Основниот граѓански суд Скопје, Емилија Шопар-Јованова.
На претходниот оглас што беше распишан во текот на летото, од сега пријавените, кандидатура поднесе само Габер-Дамјановска. Противкандидатка ѝ беше судијката Оља Ристова од Кривичниот суд. Меѓутоа, на седница на 30 август членовите на УО не избраа директор. Иако тогаш беше кажано дека и двете кандидатки ги исполнуваат условите за функцијата, ниту една од нив не го доби потребниот број гласови.
Во меѓувреме дојде до промена и на составот на УО, а изминатата недела, по истекот на мандатот на Габер-Дамјановска на 30 ноември, како вршители на должност директор на Академијата се сменија две лица кои според закон се од редовите на Управниот одбор.
Првично, на конститутивната седница на новиот УО на 29 ноември, за в.д. директор беше назначен судијата Зоран Герасимовски кој е и член на Судскиот совет. Меѓутоа, тој во понеделникот (5 декември) објави дека по укажувањата од Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) дека има судир на интереси поднесе оставка од в.д. директор. Истиот ден, на седница на УО, привремено до денешниот избор, на функцијата беше поставен Бесир Алиу, обвинител од Тетово.
The post И денеска не се избра директор на Академијата за судии и јавни обвинители, пристигнала уште една пријава по пошта appeared first on 360 степени.