Измените на Законот за заштита од заразни болести тргнати од дневниот ред на собраниската седница
И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сметаат дека потребни се дополнителни консултации за ваквите законски измени при што да се има предвид и здравствениот аспект, но и правата кои на граѓаните им ги гарантира Уставот
Пратениците попладнево го утврдија дневниот ред за новата 95. седница, а на предлог на ВМРО-ДПМНЕ беше тргната точката за измени на Законот за заштита на населението од заразни болести.
Пратеничката од опозициската партија, Дафина Стојаноска, рече дека предлогот за измени е двосмислен, непрецизен, избрзан и со злоупотреба на европско знаменце.
„Овој предлог е мошне сериозен затоа апелирам да нема играње, да нема брзање со ваков предлог на закон и да се злоупотребува притоа европското знаменце. Тврдам дека ова е класична злоупотреба на европско знаме. Ако сакате нешто да усогласите, усогласете го на една страна. Матична комисија за овој закон треба и мора да биде Комисијата за здравство. По однос на ваков предлог на закон мора да се организира јавна расправа, да се отвори широка дебата, да се прашаат експертите“,
нагласи Стојаноска.
Нејзиниот предлог беше прифатен од мнозинството пратеници и беше тргната од дневниот ред, меѓутоа во процедурално обраќање координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, кажа дека законот е поврзан со европското право. Сепак, и тој рече дека се потребни дополнителни консултации и дообјаснување на определени членови од законот бидејќи треба да се имаат предвид здравствениот дел и почитувањето на правата на граѓаните според Уставот.
„Затоа, сакам да ги повикам членовите и замениците на Комисијата за здравство, но и на Законодавно-правната комисија да го имаат ова предвид, да седнат на заеднички состанок и да договорат и од стручен и здравствен аспект, но и од аспект на почитување на Уставот“,
рече Митрески.
Со оглед дека законот беше со европско знаменце, вчера во Собранието беше закажа седница на Комисијата за европски прашања, меѓутоа беше одложена.
Станува збор за предлог-измени кои меѓу другото предвидуваа во случај на појава на заразна болест, се предлага забрана за влез во објекти за лица кои не се вакцинирани или немаат потврда за прележана болест. Министерството за здравство исто така, според нив ќе може преку примена на технолошки методи да спречи ширење на заразната болест.
Вчера, министерот за здравство, Беким Сали, во изјава за медиумите рече дека овие измени се поврзани со пандемијата на ковид-19.
„Предложените измени на Законот за заштита на населението се направени во врска со последната пандемија на ковид-19, во која сè уште се наоѓаме. Ова значи дека сите одлуки што се носеа од страна на Владата за изолација и одредување мерки сега ќе имаат и правна основа со закон. Со овој степен на пандемија, како што е во моментов нема да се бараат сертификати, бидејќи нема ризик кон општото здравје за граѓаните“,
изјави вчера Сали.
Тој појасни дека доколку не се појави епидемија не се наметнува никакво ограничување за граѓаните што не се вакцинирани. Исто така, истакна дека измените не се насочени кон граѓаните кои не сакаат да се вакцинираат, но ги известуваат оти „невакцинирањето по автоматизам не е право за движење каде било и кога било“.
На прашањето дали доколку поминат вакви законските измени во Собрание и се појави епидемија на морбили, невакцинираните деца нема да одат на училиште, Сали изјави дека повторно ќе зависи од одлуката на Комисијата за заразни болести (КЗБ).
„Доколку КЗБ утврди дека одредена група на деца би биле ризик за себе и за останатите деца, секако дека ќе се донесе една таква одлука“,
рече министерот.
The post Измените на Законот за заштита од заразни болести тргнати од дневниот ред на собраниската седница appeared first on 360 степени.