Изграден новиот бетонски канал кон хидроцентралата Врбен, откако стариот се урна во свлечиште
Лизгањето на земјиштето од обилните врнежи на 27 септември предизвика попуштање на бетонскиот канал, изграден уште во 1950-те години на минатиот век, при пробивањето на тунелите и при градењето на мрежата за собирање на водите од планинскиот масив на Кораб и Горнорадички слив, за потребите на хидроелектраните на ХЕС Маврово, од кои првата е пуштена во употреба во 1957 година
Државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) соопшти дека е воспоставен протокот на водите низ новиот бетонскиот канал кон хидроелектраната Врбен.
Бетонскиот канал е изграден по уривањето на стариот, што беше предизвикано од лизгање земјиштето на тешко достапен терен кон крајот на септември.
Како што соопшти АД ЕСМ, низ каналот веќе се пуштаат водите од трите најголеми зафати од доводот Горна Радика.
„Завршени се и земјените работи околу поставување на цевките за пропусти од пристапните патишта до каналот, така што санацијата на хаваријата на доводот Горна Радика е успешна и истата е завршена пред планираниот рок од 30 дена“,
стои во соопштението.
На интервенцијата и претходеа итна постапка со дозвола на Бирото за јавни набавки за избор на изведувач на работите, градежна фирма која по првичните подготовки веднаш почна да работи на терен.
„Во зафатот за санирање на настанатото оштетување се изгради нов бетонски канал во должина од 29 метри. Градежните работи со тешка механизација се одвиваа на 1 500 метри надморска височина, на ризичен терен со можни нови одрони на карпи и лизгања на земјиштето“,
велат од ЕСМ.
Хидроелектраната Врбен во текот на целиот изминат период беше функционална, но со намален капацитет за производство поради намалениот доток, но сега е вратена на претходната инсталирана моќ, додаваат од компанијата.
Водите кои се собираа по системот на подземни канали, но не можеа да стигнат до електраната, се испуштаа во реката Радика и потоа во акумулацијата Шпилје, каде се искористуваа во тамошната хидроелектрана.
Инаку, лизгањето на земјиштето од обилните врнежи на 27 септември предизвика попуштање на бетонскиот канал, изграден уште во 1950-те години на минатиот век, при пробивањето на тунелите и при градењето на мрежата за собирање на водите од планинскиот масив на Кораб и Горнорадички слив, за потребите на хидроелектраните на ХЕС Маврово, од кои првата е пуштена во употреба во 1957 година.
The post Изграден новиот бетонски канал кон хидроцентралата Врбен, откако стариот се урна во свлечиште appeared first on 360 степени.