ЗНМ: Полицијата го прекрши правото на новинарите да снимаат и известуваат – избришан видеозапис на ТВ 21
Од Здружението на новинари велат дека според сведочењето на новинарката Фазиле Халили од ТВ 21, таа со својот мобилен телефон снимала дел од протестот на приватните автобуски превозници каде полицајците влечеле една жена, а во тој момент еден од полицајците ѝ пришол и ѝ рекол дека не смее да снима. Со заканувачки тон ѝ рекол веднаш да ја избрише снимката
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) објави дека на денешните протести во Скопје поврзани со блокадите на приватните превозници, полицијата грубо го прекршила правото на новинарите да снимаат и известуваат.
Оттаму велат дека според сведочењето на новинарката Фазиле Халили од ТВ 21, таа со својот мобилен телефон снимала дел од протестот каде полицајците влечеле една жена, а во тој момент еден од полицајците ѝ пришол и ѝ рекол дека не смее да снима. Со заканувачки тон ѝ рекол веднаш да ја избрише снимката.
„’Бриши ги снимките бидејќи немаш право да снимаш’, рекол полицаецот, на што колешката му рекла дека е новинарка и дека не само што има право туку е и нејзина должност да ја информира јавноста. Но, полицаецот и рекол веднаш, тука пред него, да ја избрише снимката од сите албуми во телефонот, сакајќи да биде сигурен дека нема траги на ништо што е снимено“,
се наведува во соопштението од ЗНМ.
Од Здружението велат дека инцидентот ќе биде пријавен во Секторот за внатрешна контрола на МВР, по што се очекува полиција да ги открие одговорните и соодветно да ги казни, за во иднина, како што додаваат, да не се повтори ваквото неприфатливо однесување на полицијата.
„Вршење притисок за бришење и бришење на видео и фото материјали од страна на полицијата преставува директно прекршување на членот 16 од Уставот со кој се забранува цензурата и се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Со ваквото однесување полицијата ги спречува новинарите да известуваат за настанот и се става во улога на цензор кој решава што смее а што не смее да види македонската јавност“,
се додава во соопштението.
Од Здружението на новинарите нагласуваат дека протестите секогаш се настани од јавен интерес и согласно тоа, јавноста има право да знае што се случува за време на истите, дали има повредени, дали има уништување на јавен и приватен имот, но и дали евентуално полицијата ги пречекорила овластувањата и употребила прекумерна сила.
The post ЗНМ: Полицијата го прекрши правото на новинарите да снимаат и известуваат – избришан видеозапис на ТВ 21 appeared first on 360 степени.