Европската комисија следната недела ќе ги објави препораките за економски реформи
Следната недела Европската комисија ќе го претстави пролетниот пакет на Европскиот семестар. Во Брисел ќе заседаваат неколку министерски совети, а во Европскиот парламент ќе заседаваат неколку комисии
Европската комисија во среда ќе го објави пролетниот пакет на Европскиот семестар, кој содржи препораки до земјите-членки во однос на економските реформи и насоките за фискалната политика.
Комисијата ќе ги објави и резултатите од анализите на макроекономската состојба во земјите-членки кои имаат макроекономски дисбаланси.
Во понеделник во Брисел ќе се сретнат министрите за надворешни работи на земјите-членки. Тие ќе разговараат за руската агресија врз Украина и ситуацијата во Рогот на Африка. Предвидена е и дискусија за Западен Балкан, по што шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ ќе имаат работен ручек со своите колеги од шесте земји од Западен Балкан.
Следниот ден, во вторник, министрите за одбрана ќе се состанат за да разговараат за поддршката на ЕУ за Украина. За време на ручекот, на министрите ќе им се придружи и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Во понеделник и вторник ќе се сретнат и министрите задолжени за конкурентска политика.
Министрите одговорни за трговија се состануваат во четврток за да разговараат за трговските односи меѓу ЕУ и САД и ЕУ и Кина.
Европскиот парламент идната недела работи во Брисел, каде заседаваат голем број парламентарни комисии.
The post Европската комисија следната недела ќе ги објави препораките за економски реформи appeared first on 360 степени.