Дојавите за бомби во школи во Кавадарци се лажни
Зборувајќи за последните пријави во Кавадарци, министерот за внатрешни работи обелодени дека според првичните информации станува збор за дојави испратени од адреса со домен во САД
Пријави за бомби во пет училишта во Кавадарци се лажни, соопшти полицијата по направените проверки.
„Направени се сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училишта во Кавадарци, дека на електронските адреси на училиштата, била испратена закана за поставена експлозивна направа. Утврдено е дека станува збор за лажни пријави. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и по извршени проверки, утврдено е дека станува збор за лажни пријави“,
вели портпаролот на СВР Велес, Ристо Самарџиев.
Дека станува збор за лажни дојави набргу потврди и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Зборувајќи за последните пријави во Кавадарци, министерот обелодени дека според првичните информации станува збор за пријави испратени од адреса со домен во САД.
„Според првичните сознанија коишто ги добивме станува збор за домен креиран надвор односно во САД и тоа покажува за сериозноста на ваквите хибридни напади. Многу тешко е обезбедување на сите докази бидејќи станува збор за транснационален криминал. Така да по добивање на каков било податок стапено е во контакт со надлежните служби и партнерските служби за да бидеме во ситуација да обезбедиме повеќе докази и да може да се прекине целиот овој процес“,
рече Спасовски.
На оваа тема денеска зборуваше и премиерот Димитар Ковачевски кој посочи дека не е лесно да се откријат дојавувачите затоа што се користат странски виртуелни приватни мрежи (ВПН).
„Не е толку лесно да се открие, како што кажа и министерот за внатрешни работи, со оглед на тоа што се користат ВПН во странски држави и преку тие виртуелни приватни мрежи се користат ИП-адреси кои потоа во нашата држава ги прават дојавите, значи не е толку едноставно да се идентификуваат, меѓутоа имаат индиции и доколку дојдат до финални резултати дека се во државата тие што тоа го прават ќе бидат санкционирани и изведени пред лицето на правдата“,
рече Ковачевски.
Денешните дојави во Кавадарци, според информацијата што ја соопшти градоначалникот Митко Јанчев, биле за училиштата „Тоде Хаџи Тефов“ Кавадарци, и подрачно училиште во село Бегниште, „Димката Ангелов Габерот“ Кавадарци и подрачното училиште во село Сопот, „Страшо Пинџур“ Кавадарци и подрачните училишта во селата Марена, Возарци и Дреново, СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ Кавадарци, СОЗШУ „Ѓорче Петров“ и СОУ „Ќиро Спанџов Брко“.
The post Дојавите за бомби во школи во Кавадарци се лажни appeared first on 360 степени.