Димитров: Европската перспектива на Западен Балкан е недоволно опиплива
Поранешниот вицепремиер Никола Димитров, денеска на 22. економски форум во Белград рече дека на регионот мора да му се даде опиплива перспектива за членство во ЕУ.
На панелот за влијанието на војната во Украина врз Западен Балкан, тој предупреди дека за време на кризата економската разлика меѓу земјите-членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан се зголемува, бидејќи регионот е поранлив од остатокот на континентот бидејќи има повеќе луѓе кои живеат под прагот на сиромаштија, пренесоа српските медиуми.
Тој додаде дека тоа ќе доведе до незадоволство на граѓаните во регионот од евроинтеграциите и оцени дека следната година ќе биде исклучително тешка.
Сите сме во европскиот економски брод, бидејќи најголем дел од инвестициите доаѓаат од земјите членки на ЕУ, но економската разлика се зголемува, бидејќи надворешно-трговскиот дефицит на регионот е околу девет милијарди евра, а регионот ги добива истите изоноси од ЕУ, но за период од седум години.
Тој оцени дека ЕУ не направила ништо опипливо од приемот на Хрватска во 2013 година и нагласи дека војната во Украина покажува дека доколку ЕУ сака да има улога и тежина во новиот свет што се појавува, овој регион мора да стане дел од него.
Димитров заклучи дека ЕУ ќе мора да создаде ситуација во која членството е можно и опипливо на хоризонтот и со одредување на датумот кога земјите ќе влезат во ЕУ.
Тој потсети дека Србија преговара осум години, но дека нема многу затворени преговарачки поглавја и посочи дека тоа значи дека нешто не е во ред со самиот пристапен процес.
Генералниот секретар на Бледскиот економски форум, Петер Грк, изнесе слични забелешки за тоа како процесот на приклучување на земјите од Западен Балкан е неефикасен и изјави дека многумина мислеле дека по 24 февруари тој ќе биде забрзан.
Некои мислеа дека процесот на пристапување ќе биде забрзан по почетокот на војната во Украина и дека ЕУ ќе одлучи дека е геостратешки поважно Западен Балкан да биде внатре во ЕУ отколку надвор од неа. Во ЕУ дојде до отрезнување, бидејќи разбравме дека сме ранливи ако не го обединиме континентот, рече Грк.
Сепак, процени дека тоа нема да се случи брзо, туку дека ќе оди малку побрзо.