Данела Арсовска ниту денес не попушти: Нема враќање назад
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, ниту по вчерашната блокада од приватните превозници, не отстапува и не најавува прием за разговор со возачите.
По одлуката на приватните превозници да се прекине јавниот превоз, договорот со нив се смета за раскинат и таа одлука е конечна, вели Арсовска.
„Можности за враќање назад, не постојат. Има нов јавен повик, на новиот јавен повик сите оние кои ќе сакаат чесно да работат и оваа јавна услуга да ја овозможуваат до граѓаните ќе имаат можност да си се пријават и да можат да си ја обавуваат дејноста којашто ја обавувале претходно, меѓутоа без да има можности за вакви манипулации како што имаше претходниот период“, изјави Арсовска за Канал 5.
Таа додава дека на приватните превозници за месец ноември ќе им се исплати до периодот до кога нивните автобуси биле вклучени во сообраќајот.
„Тие практично за услугата којашто треба да ја извршат во наредниот месец, фактурираат за еден месец однапред. Што би значело дека таа услуга во моментот кога е побарана се уште не била извршена како таква. Сега со нивниот прекин практично во тековниот месец ноември ќе треба да се види што е она што го извозеле за да може за истото да се пресмета што и колку има потреба како тековно побарување да им се исплати и по основа на истото, номално никој не сака од тие лица да бидат оштетени, меѓутоа исто така како Град Скопје, сме должни да не дозволиме никакви манипулации, ниту пак злоупотреби коишто директно влијаат на буџетот на Градот Скопје“, вели Арсовска.
Приватните превозници вечат дека ќе ги искористат сите механизми за исплата на долгот од околу 1,5 милиони евра. Од следната недела најавени се блокади на три крстосници истовремено кај Мавровка, Црвен крст и пред Владата.