Гир: Земјата мора да избере дали одлучно ќе се справува со корупцијата или ќе дозволи шемите да се вкоренуваат уште повеќе
Во секоја земја напорите за борба против корупцијата постојано се обновуваат и приспособуваат на новите предизвици и можности со кои се соочуваат нашите општества, без разлика дали е тоа дигитална или зелена револуција, дали е тоа глобална пандемија, глобална енергетска транзиција или, пак, влијанието на руската војна против Украина, нагласува евроамбасадорот
Оваа земја е на крстопат – мора да избере дали ќе се движи напред, одлучно да се справува со корупцијата или ќе дозволи шемите на корупција да се вкоренуваат уште повеќе, рече денеска евроамбасадорот Дејвид Гир на прес-конференција пред состанокот со институциите кои имаат надлежност за справување со корупцијата, на кој ќе се разгледаат забелешките од Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија подготвен од Европската комисија.
Гир додаде: дека во интерес е на оние што имаат полза од корупцијата да ве тераат да мислите дека работите не можат да се променат, дека сите политичари, сите институции, сите судии, сите обвинители, целата полиција, сите се корумпирани.
„Да ве натераат да мислите дека е тоа природен тек на нештата и затоа дека е на некој начин прифатливо. Но, не е. И го немаме тој луксуз да размислуваме така ниту тука, ниту во ЕУ“,
потенцираше Гир.
Според него, прво и најважно е да се бориме со корупцијата преку државните институции. Тие, како што вели, мора да дејствуваат и да го намалат просторот за корупција.
„Тоа значи преку закони и кодекси на однесување, тоа значи стимулации за промоција на услугите и сериозни санкции за коруптивното однесување. Тоа значи спроведување. Тоа значи, дека кога некој незаконски ќе заземе некое земјиште и ќе гради обвинителството мора да дејствува, а судовите да реагираат брзо без разлика кој е тој човек и колку и да е влијателен, колку и да е поврзан“,
нагласи Гир.
Борбата против корупцијата, нагласи тој, е да се создаде средина што ќе биде непријателски настроена кон лошите навики поврзани со коруптивното однесување.
„Се работи за зацврстување на клучните системи за интегритет преку реформи на системите за набавка и финансиско управување во државата. Поголема транспарентност и развој на капацитетите на државните институции за ревизии и антикорупција. Се работи за партнерство со бизнисите, како и партнерство со слободните и професионални медиуми кои ќе ги следат највисоките стандарди и кои ќе бидат ослободени од закани, навреди или поткуп во каква било форма“,
рече Гир.
Евроамбасадорот на прес-конференцијата ја нагласи важноста на напорите за борба против корупцијата.
„Ова е предизвик во секоја земја. Во секоја земја напорите за борба против корупцијата постојано се обновуваат и приспособуваат на новите предизвици и можности со кои се соочуваат нашите општества без разлика дали е тоа дигитална или зелена револуција, дали е тоа глобална пандемија, глобална енергетска транзиција или, пак, влијанието на руската војна против Украина“,
посочи Гир.
Корупцијата, додаде Гир, е како и водата, ќе си го најде патот до најмалиот отпор, а ако не се случи отпор тогаш ќе се распространи.
„Тука во Северна Македонија корупцијата е сеприсутна во некои области, таа тече низ телата и институциите на државата, преовладува во услужниот сектор. А зошто граѓаните треба дополнително да плаќаат за услуга за која државата веќе плаќа или подобро речено за услуга за која граѓаните веќе платиле преку даноци“,
рече Гир.
Проблемот, како што нагласи Гир, е огромен, но има и напредок во изминативе години.
„Извештајот за напредок од октомври покажа дека државата задржа еден добар чекор во борбата со корупцијата. Некои институции покажаа одлучност да се справат со корупцијата. Граѓанското општество продолжува да игра улога буквално како чувар кој наметнува одговорност на јавните институции и на функционерите. И бизнисот може да игра битна улога како и медиумите коишто секогаш играат клучна улога. И тука не мислам на повторувањето на сензационални обвинувања, мислам особено на мачното истражувачко новинарство што го спроведоа неколкумина новинари во земјава и кои расветлија коруптивни и криминални однесувања и структури. И тие треба да бидат пофалени за тоа“,
заклучи Гир.
Евроамбасадорот праша зошто некои јавни позиции треба да се одредуваат врз основа на политичка припадност наместо по заслуга? Зошто некои деца треба сериозно да работат за да ги добијат своите квалификации, а други не?
„Овој проблем е огромен, а во изминативе неколку месеци посведочив неколку настани кои разочараа многу граѓани“,
вели Гир.
Извештајот на Европската комисија, како што рече Гир, особено повикува на зацврстување на ресурсите на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција вклучително и финансиски експерти со цел да се обезбеди ефективна одговорност за случаи со висока корупција и со тоа да се зголеми бројот на правосилни пресуди за овие случаи, како и конфискација на незаконски стекнати средства, проширена конфискација и конфискација од трети страни.
„Очекуваме новиот раководител на оваа институција да се осигури дека тимот ќе работи одлучно, професионално, независно и со интегритет и решително ќе постапува по предметите што се под негова надлежност вклучително и оние што се префрлени од СЈО“,
додаде Гир.
Евроамбасадорот рече дека ЕУ ќе стои покрај Северна Македонија како сигурен и доверлив партнер, но бара и од властите да испорачаат резултати, а тоа го бараат и граѓаните.
The post Гир: Земјата мора да избере дали одлучно ќе се справува со корупцијата или ќе дозволи шемите да се вкоренуваат уште повеќе appeared first on 360 степени.