Вучиќ додека чека болнички извештај од Митровица: Добро е што нема жртви
Српскиот претседател Александар Вучиќ за денешните тензии на Косово, вели добро е што нема жртви.
Тој од Тирана изјави дека е запознаен со последните случувања на Косово и додаде дека тоа е спротивно на Договорот од Брисел, објавија српските медиуми.
„Не ми е јасно зошто сакаат да прават тензии секоја недела. Не ни претстои лесен период. Остануваме заедно со нашите луѓе во КиМ, но исто така е важно да се обидеме да се договориме за се што е можно со Албанците, да го зачуваме мирот. Се надевам дека Мирослав Лајчак денеска ќе ја има својата улога како и досега“, изјави Вучиќ.
Вели сега е мирно, а се чека извештај од болничкиот центар во Митровица. Српскиот претседател кажа дека според Бриселскиот договор, косовските полицајци не можат да влезат на север без согласност на четворицата градоначалници. Кажа дека тие не побарале ниту еден од четворицата градоначалници.
„Очигледно не побарале ниту од КФОР. Се обиделе да упаднат во општинските изборни комисии, да ги окупираат зградите, граѓаните секако се побунија. Никој не знае зошто мораше да го направат тоа, но сакаа да го направат тоа, потоа имаше помали судири и потоа косовските полициски сили се повлекоа“, рече Вучиќ.
Сирени и истрели денеска имаше во Косовска Митровица и Лепосавиќ. Засилено е присуството на ЕУЛЕКС и КФОР.
Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ