Во Кина забрзано се шири коронавирусот по олеснувањето на мерките
Продавниците и рестораните во Пекинг денеска се празни бидејќи го чекаат врвот на заразата, но пред аптеките во Пекинг има долги редици бидејќи граѓаните брзаат да набават лекови за треска и антигенски тестови
Новиот бран на ковид-19 брзо се шири во Кина по неодамнешната одлука на властите да се откажат од стратегијата „нулта ковид“, предупреди денеска еден од главните здравствени советници на кинеската влада, пренесува Бета.
Кинеските здравствени власти во средата објавија општо олеснување на ограничувањата по масовниот излив на гнев низ улиците во Кина поради речиси тригодишните строги ограничувања за заштита од ковид, со надеж дека повторно ќе ја стимулираат економијата задушена од ограничувањата.
Властите го укинаа систематското ПЦР-тестирање и за поблагите и асимптоматските форми на болеста овозможија изолација во своите домови, како и поограничено прибегнување кон полициски час, односно т.н. „заклучување“.
Продавниците и рестораните во Пекинг денеска се празни бидејќи го чекаат врвот на заразата, но пред аптеките во Пекинг има долги редици бидејќи граѓаните брзаат да набават лекови за треска и антигенски тестови.
„Епидемијата во Кина брзо се шири и во такви околности, без оглед на силата на превенција или контролата, ќе биде тешко целосно да се прекине синџирот на пренос на вирусот“,
изјави епидемиологот Жонг Нанџијанг, еден од главните советници на кинеската влада.
Тој рече дека соевите на омикрон се многу заразни и дека едно лице може да зарази 22 лица.
Кина е лошо подготвена да се справи со бранот на инфекции бидејќи милиони постари луѓе не се целосно вакцинирани, а болниците не можат да се справат со голем број пациенти.
Земјата има еден кревет за интензивна нега на 10 000 жители, предупреди во петокот Џиао Јахуи, директор на Одделот за медицински работи на националната здравствена комисија.
Таа рече дека поради новиот бран на коронавирус, 106 000 лекари и 177 700 болничари ќе бидат испратени на одделенијата за интензивна нега, но не прецизираше како ќе се организираат другите болнички сектори.
The post Во Кина забрзано се шири коронавирусот по олеснувањето на мерките appeared first on 360 степени.