Војната меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ продолжува со барања за слободен пристап до информации од јавен карактер
Ние добивме вакво барање до Градот Скопје од одредена опција, којашто сака, практично, да наметне одреден наратив и ние истото барање го проследивме до сите градоначалници (на скопски општини, н.з.) да видиме како секој од нив ќе го одговори истото она што се обидува некој да го наметне кон Градот, рече градоначалничката на главниот град во емисијата „360 степени“
Во дописот се бара од „Градоначалникот на Општина —– и Секторот за финансиски прашања, да изготви информација во форма на пишан извештај, за сите исплати кои Општина —– ги има кон физички и правни лица за цела 2022 година со износот на средства кои се исплатени, како и сите доспеани обврски на општината оваа година“
Барања за слободен пристап до информации од јавен карактер се последната епизода од отворената политичка војна што ја водат градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и ВМРО-ДПМНЕ. Арсовска деновиве им пратила вакви дописи на сите градоначалници на скопски општини, меѓу кои, мнозинство се оние од ВМРО-ДПМНЕ (пет од десет градоначалници).
Во документот, кој се заснова на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, се бара:
„Градоначалникот на Општина —– и Секторот за финансиски прашања, да изготви информација во форма на пишан извештај, за сите исплати кои Општина —– ги има кон физички и правни лица за цела 2022 година со износот на средства кои се исплатени, како и сите доспеани обврски на општината оваа година.“
Во објаснувањето се наведува дека оваа информација се бара „од причина што граѓаните треба да знаат и да се информирани каде се трошат нивните пари“. Исто така, од градоначалниците на скопските општини се бара и извештај за сите позначајни проекти што се планираат да се почнат и да се реализираат во 2023 година, со прецизно наведен рок за отпочнување на секој проект, временски период за реализација и финансиска импликација.
Арсовска добила исто барање од „одредена опција“
Зошто Градот комуницира со општините на ваков начин, кој би бил очекуван од новинарска организација или опозициска партија, беше едно од прашањата што „360 степени“ и ги постави на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во нејзиното синоќешно гостување во истоимената емисија на ТВ Алсат.
„Арсовска: Морам да кажам дека како Град Скопје сакаме да бидеме прагматични и, пред се, сакаме да го заштитиме тоа што е јавен интерес од тоа што се обидува некој преку политикантство да го наметне во јавноста и да манипулира со овие податоци. Ние добивме вакво барање до Градот Скопје од одредена опција, којашто сака, практично, да наметне одреден наратив и ние истото барање го проследивме до сите градоначалници (на скопски општини, н.з.) да видиме како секој од нив ќе го одговори истото она што се обидува истото некој да го наметне како Град
360 степени: Значи, си враќате едни со други?!
Арсовска: Не, не си враќаме, туку сакаме да нема двојни аршини за ништо. Доколку нешто се обидува и како наратив и како желба нечија и како барање да се наметне на Градот, треба истото да се има и да се добие како информација од сите останати.
Арсовска беше прашана и колку пати за време на нејзиниот мандат го има свикано Координативното тело на градоначалниците на скопските општини, кое според Законот за Град Скопје треба да заседава најмалку еднаш месечно.
„Координативното тело на градоначалниците го имам свикано шест-седум пати. Пред мојот мандат во изминатите четири години ниту еднаш не било свикано, така што, ние го свикуваме согласно динамиката што ни дозволува. Истовремено, имаме и состаноци на ЗЕЛС каде голем дел од градоначалниците што се во Координативното тело учествуваат и во тие органи. Меѓутоа, пред се, гледаме да одговара динамиката на свикувањето на Координативното тело на потребите од страна на Градот и од страна на градоначалниците и да имаме теми на разговор за коишто таму треба да се дискутира“,
одговори градоначалничката на Скопје.
Во интервјуто Арсовска одговара и кого фатила ,,со рачињата во медот”, дали ќе се реализира тендерот за изградба на прочистителна станица, за раскинувањето на политичката коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, за набавката на мазут за потребите на ЈСП Скопје и зошто во новиот договор со „Пуцко Петрол“ нема рабат (попуст) за градското претпријатие, за ветувањето за бесплатен јавен транспорт и набавка на 250 еколошки автобуси, за судбината на БРТ (бас рапид транзит), а неизбежна тема е и протестот на приватните превозници.
The post Војната меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ продолжува со барања за слободен пристап до информации од јавен карактер appeared first on 360 степени.