(ВИДЕО) Приватните превозници го послушаа премиерот: Ги тргаат автобусите од Илинденска и чекаат покана за средба
Во името на „Слобода превоз“, „Макекспрес“ и сите превозници, сакам да му се заблагодарам на премиерот Ковачевски кој се одважи и со последната изјава, на некој начин, се вклучи во решавање на овој проблем, рече денеска Ленин Јовановски најавувајќи дека приватните автобуси попладнево ќе ги повлечат автобусите со кои ја блокираат Илинденска
Приватните превозници во Градот Скопје ги послушаа, како што велат, сугестиите на премиерот Димитар Ковачевски и попладнево почнуваат со повлекување на автобусите кои беа паркирани на булеварот „Илинден“. Тие во моментов го ослободуваат булеварот и ќе чекаат покана од премиерот за средба на која би присуствувале и претставници на Градот Скопје, но и на ЈСП.
„Денеска, по овој прес, сите автобуси што се на улицата ќе се повлечат за да му се даде простор на дијалогот кој го предлага и за нас е основа за средба на која, како што и самиот премиер Ковачевски спомена, ќе бидат презентирани сите аргументи, докази и факти за целата оваа состојба од која и нему и на пошироката јавност по тие средби ќе ѝ бидат пренесени во изворна форма на јавноста. Се прифаќа идејата ние како претставници на приватните превозници кои располагаме со таа документација, да ја презентираме на таа средба, прифаќаме и инсистираме на таа средба да има претставници и од Град Скопје, но и од ЈСП каде што пред него ќе ги соочиме аргументите со кои располагаат сите три страни“,
рече Ленин Јовановски од здружението на приватни превозници „Слобода превоз“.
Како што најави, тие како приватни превозници ќе изготват ново барање во контекст на она што го кажал Ковачевски и ќе ги исполнат сите негови сугестии.
„Ќе ги исполниме сите негови сугестии и ќе очекуваме да бидеме повикани на средба. Во името на ’Слобода превоз‘, ’Макекспрес‘ и сите превозници сакам да му се заблагодарам на премиерот Ковачевски кој се одважи и со последната изјава, на некој начин, се вклучи во решавање на овој проблем и сметам дека од неговата позиција на премиер има големи можности да помогне во надминување на овој проблем“,
рече Јовановски.
Прес-конференцијата на Јовановски следува откако денеска Ковачевски им порача дека одбива да одржува состаноци под уцени и под притисоци и им постави услови доколку сакаат да се сретнат со него, од кои првиот беше да ги ослободат улиците за граѓаните да може да се движат слободно.
Јовановски, пак, денеска рече дека не станувало збор за никакви притисоци и закани туку протестот го сметале како единствен начин преку кој превозниците можеле да ги истакнат проблемите.
The post (ВИДЕО) Приватните превозници го послушаа премиерот: Ги тргаат автобусите од Илинденска и чекаат покана за средба appeared first on 360 степени.